Англиската пејачка Маријана Фејтфул прослави 50 години од својата кариера, а во едно интервју открила дека знае кој го убил фронтменот на групата „Дорс“, легендарниот Џим Морисон.
Таа изјавила дека во текот на кариерата и биле поставувани најневеројатни прашања, а еден од новинарите се осмелил да ја праша зошто го убила пејачот Џим Морисон.
– Прашањето го сфатив многу сериозно. Сега ќе му објаснам поради што не го убив Џим, но знам кој го направи тоа, истакнала Маријана.
Приказната се враќа повеќе од четири децении назад, во летото 1971 година. Таа патувала во Париз со своето тогашно момче Жан Де Бретељ, кој им бил личен дилер на хероин на сите познати личности.
Кога пристигнале во францускиот главен град, Жан и рекол на пејачката дека мора да го посетат фронтменот на „Дорс“ во неговиот апартман во улицата Ботрелис.
– Почувствував некоја тежина во стомакот. Едноставно имав чувство дека ќе се случи нешто лошо. Помислив, добро, ќе земам неколку Туинали (дрога т.е. комбинација на два вида барбитурати) и ќе се чувствувам како да не сум таму. А Жан отиде кај Морисон и го уби, убедена сум дека била несреќа. Очајник. Дозата била премногу јака за него и починал. Сепак, сите кои се поврзани со смртта на Џим се одамна под земја, освен мене, раскажува Фејтфул.
Џим Морисон во март 1971 година се преселил во Париз со цел да направи пауза од концертите и да се концентрира на пишување. Се надевал дека ќе го врати својот живот на вистински пат.
Почина на 3 јули 1971 година во својата бања на 27-годишна возраст. Многу обожаватели и биографи тврдеа дека тоа било од предозирање со дрога, но официјалните извештаи покажуваат дека причина била прекин на работата на срцето.
Не била извршена аутопсија бидејќи медицинскиот вештак, постапувајќи според францускиот закон, не пронашол траги на насилство, што оставило многу неодговорени прашања и овозможило разни шпекулации.
Во својата книга, во која ги опишува најинтересните детали од својата 50-годишна кариера, Маријана исто така зборува и за соработката со Ник Кејв на новиот албум, како и дека е „згрозена од смртта на Ејми Вајнхаус“.