Неофицијално, во полициската станица Никола признал дека со Диана се гледал неколку месеци, дека имале односи и дека нивните средби најчесто биле во зградата на детската клиника, објави ДНЕВНИК.
Како што објави весникот, Никола рекол дека не сакал да ја убие и дека не се сеќава како можел да го стори тоа и поради тоа самиот сакал да се самоубие. По сослушувањето поднесена е кривична пријава.
Точните мотиви за убиството засега не се познати, но познато е дека двајцата биле договорени во критичното попладне да се сретнат на детската клиника. Диана повеќе години работела како медицинска сестра на одделението за интензивна на детската клиника.
Никола околу 18 часот дошол на клиниката. Обезбедувањето го пуштил да влезе бидејќи тој и претходно доаѓал. Двајцата во 18.30 се сретнале во покривната просторија. Таму почнале расправија, во која Никола со раце ја фатил за врат Диана и не ја пуштил додека не ја задушил.
Откако видел дека ја убил, седнал на работ на покривот на седумкатницата во обид да се самоубие. Набргу пристигнала полицијата и во разговор било спречено Никола да скокне од седумкатницата.
Полицајците на покривот ја пронашле Диана која не давала знаци на живот, по што жената веднаш била однесена во Одделот за интензивна нега. Лекарите 45 минути се обидувале да ја реанимираат, но безуспешно. Според резултатите од обдукцијата, на телото на Диана имало траги од насилство, а смртта настанала со задушување, но и дека била во рана бременост.