Терористот од Ница, Мохамед Булел (31), пратил неколку смс само неколку минути пред да тргне во крвавиот поход на шеталиштето во Ница. Како што се гледа од нив, тој трпеливо се подготвувал за терористичкиот напад.
Булел пред изнајмувањето на камионот го барал „најтешкиот“ и добил камион од 19 тони. Потоа поминал неколку дена возејќи по шеталиштето за да ја утврди маршрутата која ќе биде најсмртоносна за жртвите.
„Добро е. Имам опрема“, гласи една од пораките пред масакрот. „Донеси уште оружје. Носам за 5“, пишува во друга, потврдија судски извори за една француска телевизија.
Пораките биле пратени само неколку моменти пред Булел да тргне да ги гази луѓето по шеталиштето. Пронајдени биле мобилниот телефон кој се наоѓал во камионот, заедно со неговата возачка дозвола и кредитна картичка.
Булел неколку дена пред нападот пратил околу 100.000 евра на своето семејство во Тунис, потврди неговиот брат за британскиот весник „Дејли мејл“. Парите ги пратил илегално, односно замолил познаници да ги прошверцуваат парите.
Францускиот министер за здравство претходно изјави дека 85 луѓе се во болница, а дека 18 се во критична состојба по терористичкиот напад во Ница кога беа убиени 84 луѓе. Булел (31) во Ница влета со камион меѓу луѓето кои на познатото шеталиште во тој град го гледаа огнометот по повод францускиот национален празник на 14 јули.
Француските власти допрва треба да ги изнесат доказите дека тој бил радикализиран исламист, а министерот за внатрешни работи Бернар Казнев рече дека постои можност Булел набрзина да бил радикализиран.
Уште две лица беа уапсени поради сомнение дека се вмешани во нападот во Ница. Уапсени беа маж и жена. Во саботата во Франција беа уапсени пет лица под обвинение за соучесништво. Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот.