Во рок од само една недела извлечени се шест исти броеви во домашната Лотарија, на која од 34 нумерирани топчиња се извлекуваат осум, односно седум плус едно дополнително, објави Фокус.мк. Ова невообичаено совпаѓање се случило на стартот од минатата година, поточно на 10 и на 17 јануари 2011 година и меѓу овие извлекувања имало само уште едно, и тоа на 13 јануари. Извлекувањата за „Ново лото 7/34“ се вршат двапати неделно, и тоа во среда и в сабота.
Анонимен читател испрати писмо до редакцијата на Фокус во кое посочува дека на овие две извлекувања се повториле бројките 18, 20, 23, 29, 31 и 34 и вели оти токму поради тоа кај играчите на лото постои голема недоверба.
И навистина, доколку ги проверите извештаите за извлекувањата на овие два датума, кои се наоѓаат на сајтот на Лотарија loto.mk, ќе се уверите дека шест бројки се повторуваат.
Математичарите велат дека ова теоретски е можно да се случи, но потенцираат дека веројатноста да дојде до тоа е навистина многу мала.
Оваа игра беше во фокусот на јавноста и во јануари годинава кога се случи една исто така необична ситуација при самото извлекување на нумерираните топчиња. Лото-девојката Маријана Станојковска го најави бројот 6 уште пред да биде извлечен, а оваа случка може и ден денес да се погледне доколку го следите овој интернет-линк. Тогашниот директор на Државната лотарија, Дане Кузмановски за весникот „Нова Македонија“ изјави дека тоа што се случило со Маријана е коинциденција што се јавува еднаш во милион случаи и потенцираше оти секое извлекување го следи тричлена комисија од Министерството за финансии, која немала забелешки за овој случај. Манекенката Станојковска не сакала да го коментира случајот.
Фокус.мк