Околу 140 летови се окажани во средата од Минхен кон градовите во Германија и други делови од Европа, поради штрајк на пилотите на германската воздухопловна компанија „Lufthansa“, поради што трпат околу 15 илјади патници, соопшти портпаролот на компанијата.
„Го зголемивме бројот на откажани летови, за да имаме авиони и екипажи онаму каде што ќе ни бидат потребни откако штрајкот ќе заврши, а со цел што побрзо да имаме нормален сообраќај“, прецизирал истиот извор, пренесува AFP. Компанијата во вторникот објави дека биле одложени 110 летови. Портпаролот додал дека меѓуконтиненталните летови од Минхен не се опфатени со штрајкот.
„Сега ги информираме и упатуваме нашите патници“, додал и прецизирал дека „Lufthansa“ испратила околу 8.000 смс пораки и електронски пораки на своите клиенти по најавата за штрајкот, за да се избегне хаосот на аеродромот во Минхен.
Синдикатот на германските пилоти Cockpit најави во вторникот нов штрајк, трет во последните десет дена, на летовите од аеродромот Минхен во среда меѓу 10 и 18 часови. Откако кон крајот на август не успеаја преговорите со управата за условите за заминување во предвремена пензија за пилотите на „Lufthansa“, синдикатот веќе организираше два штрајка.
Минатиот петок вечерта, компанијата окажа повеќе од 200 летови во Германија и во Европа, со што беа погодени околу 26 илјади патници
Претходно годинава, на почетокот од април, тридневниот штрајк на пилотите на „Lufthansa“, доведе од откажување на повеќе од илјада летови и компанијата ја чинеше околу 60 милиони евра