Портпаролката на Шумахер Сабине Кем открива детали – како дојде до трагичната несреќа на шампионот во Формула 1, демантираше дека легендарниот Германец се движел со голема брзина на скиите, пред да се повреди
– Откако зборував со некои луѓе кои биле на местото на несреќата се испостави дека Михаел не скијал сам со синот туку со група пријатели. Верувам дека се случило ова: Михаел скијал со групата на регуларната патека, а од страна имало длабок снег. До несреќата не дошло поради голема брзина туку тој отишол да му помогне на пријател кој паднал. Отишол во длабокиот снег и се сомневаме дека наишол на камен на кривината. Иако не скијал бргу тој камен го катапултирал и паднал удирајќи на друг камен со главата. Тоа бил сплет на извонредно несреќни околности – открива портпаролката на Шумахер, Сабине Кем, која во име на неговата сопруга Корина се заблагодари на желбите за заздравување кои доаѓаат од целиот свет.
Шумахер по несреќата во неделата наутро, се бори за живот.
Состојбата на Михаел Шумахер е постабилна, соопштија лекарите во болницата Гренобл во која е легендарниот германски возач на Формула 1. Тие истакнуваат дека наредните 48 часа се клучни за него, како и оти е забележано благо подобрување и дека пристапиле кон уште една операција за да се намали притисокот во черепот.
Професорот Пајен вели дека снимките на мозокот покажале мало подобрување на состојбата и дека тогаш било одлучено да се направи уште една интервенција.
Лекарскиот тим, внимателно говорејќи за состојбата на легендата на мото спортот, наведе дека одлуката за новата интервенција била тешка и дека е донесена во разговор со семејството.
„Добивме некое време, но мораме да продолжиме да го контролираме од час во час“, изјави главниот анестезиолог Жан Франсоа-Пајен.
Шуми и понатаму е во контролирана кома, му се одржува температурата на телото, а лекарите додаваат дека се уште не можат да кажат оти е надвор од животна опасност. Велат дека подобрувањето на состојбата ги изненадило, но повторуваат дека и понатаму е се уште рано да се говори за иднината и да се даваат било какви прогнози.