Четири затворски чувари во Виетнам се суспендирани поради нивната невнимателност откако една од затвореничките осудени на смртна казна забременила во затворот, пренесува „Би-би-си“.
Шверцерката на дрога за да ја избегне смртната казна, забременила со помош на еден затвореник.
Официјалните лица велат дека 42-годишната Нгуен Тин Хуе купила сперма од 27-годишен затвореник за 2.300 долари. „Би-би-си“ пренесува дека затвореникот двапати во 2015 година и предал сперма во шприцеви, а се очекува дека затвореничката ќе се породи во април оваа година.
Оваа жена била уапсена поради трговија со наркотици во 2012 година, а две години подоцна е осудена на смрт. Се очекува дека нејзината пресуда ќе се промени во доживотен затвор поради детето.
Според виетнамскиот закон трудница или мајка чие дете е помладо од три години не може да биде осудена на смрт и казната треба да биде преиначена во доживотен затвор.