Авионските остатоци што изминатиов викенд беа исфрлени од водите на Индискиот Океан на брегот на Мозамбик, најверојатно му припаѓаат на исчезнатиот „Боинг 777“ на компанијата „Малезија Ерлајнс“, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на изјава на неименуван претставник на американското цивилно воздухополвство.
Деловите од авионска врата и од хоризонталниот стабилизитор веќе се на пат за Малезија на натамошно испитување, но малезиските власти веќе реагираа оценувајќи го тврдењето на кое се повикува Си-Ен-Ен како „шпекулација“.
Претставник на властите во Куала Лумпур изјави за локаните медиуми дека е премногу рано и избразано да се тврди дека деловите се од малезискиот авион.
Друг извор што го користи американската телевизиска компанија, меѓутоа, потврдил дека она што е најдено крај мозамбичкиот брег во Источна Африка му припаѓа на авион од типот „Боинг 777“.
– Колку што е познато, нема никакви податоци дека друг ваков авион е исчезнат, како и дека имал на себе малезиски ознаки, изјавил за Си-Ен-Ен овој извор.
Авионот на „Малезија Ерлајнс“ што полета од Куала Лумпр за Пекинг, исчезна без трага на 8 март 2014 година, заедно со сите 239 патници и членови на екипажот.
Засега се знае дека авионот според курсот на летањето се упатил кон Јужното Кинеско Море и својот последен контакт со земската контрола на летање го имал во реонот на Виетнам, по што му се губи секаква трага.
Во јули минатата година на островот Реунион во Индискиот Океан беа најдени остатоци од патнички авион „Боинг“, а француските воздухопловни власти во септември 2015 година соопштија дека веруваат оти остатоците се од малезискиот авион.
Во средината на јануари годинава беа најдени авионски остатоци и кај брегот на Тајланд, но за нив се утврди дека не се од трагичниот лет МХ370, но останува необјаснето како се појавуваат остатоци од малезискиот „Боинг“ на крајниот исток од Индискиот Океан крај африканскиот брег, иако последната комуникација на леталото со земјата била кога се наоѓал кај брегот на Виетнам.
Исчезнувањето на авионот пред безмалку две години и натаму останува една од најголемите мистерии во цивилното воздухопловство.