Ромите ја напуштиле Индија во 10. век, а денес главно ја населуваат Европа. Според некои податоци ги има околу 10 милиони и тоа најмногу во Романија (550.000), Бугарија (350.000) и Чешка (210.000), верски се неединствени, со слободен дух се, никој не им е рамен во веселбата, танцувањето и пеењето, а себеси на својот јазик се нарекуваат – Роми, пишува српски „Блиц“.
Бројни славни уметници, научници и изведувачи се горди на своето ромско потекло, меѓутоа имало и такви ѕвезди за кои се чини дека сме знаеле се, освен дека имаат ромско потекло. Меѓу нив се најдоа британскиот актер Мајкл Кејн, еден од најголемите комичари на светската кинематографија Чарли Чаплин, американскиот актер Јул Бринер, како и прочуената пин-ап божица и секс-симбол на 40-тите Рита Хејворт.
Откријте кој сè се најде на оваа листа.
Мајкл Кејн (1933)
Според податоците од списанието „Gypsy Roma Traveller“, еден од најдобрите британски филмски и театарски актери, сер Мајкл Кејн има ромско потекло. Неговото полно име е Маурис Џозеф Миклвајт, а токму во ромската традиција на неговото семејство било на првородениот син да му се даде името – Маурис.
Оттука и неговиот татко го носел истото име. Кејн е двоен добитник на Оскар – во 1987 година (за улогата во филмот на Вуди Ален „Хана и нејзините сестри“) и во 2000 година „Куќни правила“ (The Cider House Rules)) кога со орденот на витез го одликувала токму кралицата Елизабета Втора и тоа за значаен придонес на филмската уметност.
Чарли Чаплин (1889-1977)
Низ светот се рашири вест дека е откриен документ кој потврдува дека еден од најголемите синеасти на светската кинематографија Чарли Чаплин, всушност, бил Ром и дека е роден токму во ромски караван. Писмото е пронајдено во фиоката која ја наследила ќерката на Чаплин, Викторија, а го испратил извесен Џек Хил од Тамворд, кој во него открива дека за потеклото на славниот актер дознал од својата тетка.
– Караванот ѝ припаѓал на ромската кралица, која беше моја тетка. Роден си во „Блек Печ“, во Сметвик, близу Бирмингем – напишал Хил.
Инаку „Black Patch“ бил караванска населба од ерата на индустријализацијата на Бирмингем во 1880 година, а изводот од матична книга на родени на Чаплин никогаш не бил пронајден, иако кон крајот на 1880 година веќе била и законска обврска.
Јул Бринер (1920-1985)
Холивудскиот актер Јул Борисович Бринер според сопственото сведочење имал една четвртина ромска и една четвртина еврејска крв. Всушност, таткото на неговата мајка Марусја Благоидова бил руски Евреин, а мајката руска Ромка.
Токму помеѓу Ромите, Бринер научил да свири гитара и да игра на трапез. Тој бил избран и за почестен претседател на Ромите и таа титула гордо ја носел се до својата смрт. Бринер играл во големите светски филмски хитови, како што се „Седуммината величествени“ (The Magnificent Seven), а имал и славна улога на принцот и на фараонот Рамзес во култниот филм за Мојсеј и 10 Божји заповеди во истиот филм. На нашата публика сепак најдобро и е познат по неговата улога како инженер на Владата во епскиот спектакл на Вељко Булаиќ, „Битката на Неретва“.
Елвис Присли (1935-1977)
Според наводите на списанието „Gypsy Roma Traveller“, далечните роднини на кралот на рокот Елвис Присли биле токму Роми кои живееле во Германија, а кон почетокот на 18. век емигрирале во САД. Списанието наведува дека моминското презиме на мајката на Присли било Смит, а како што се наведува во текстот, било често презиме на британските Роми.
Меѓутоа, Дејвид Елтир, писател и истражувач на ромската култура го оспорил своевремено пишувањето на овој магазин изјавувајќи дека се работи за чисто „дезинформирање на читателите“.
– Колку што е досега познато во стручните кругови, не постои ниту една забелешка за тоа дека Елвис Присли има ромско потекло. Факт дека некој имал роднина Ром во семејството пред 300 години не значи дека и самиот тој е Ром – рекол Елтир.
Боб Хоскинс (1942-2014)
Нема кој британскиот актер Боб Хоскинс не го меша со американскиот Дени Де Вито, но токму затоа на прсти можат да се избројат оние кои знаеле дека Роберт Вилијам Хоскинс (по неговата баба) имал ромско потекло. Поголем дел од младоста овој актер ја минал патувајќи и работејќи во циркус. Во 1967 година работел како волонтер во Израел, а пред филмската кариера работел и како голтач на оган во циркус, морнар но и како продавач.
Според сопственото сведочење, првата улога ја добил сосема случајно во 1969 година. Тој сакал да го испрати својот пријател на кастинг, меѓутоа, еден од агентите го помешал со некој актер и така ја добил и улогата во претставата. Своето пробивање го доживеал со остварувањето „Црн петок за гангстери“ (The Long Good Friday) од 1980 година.
Пабло Пикасо (1881-1973)
Еден од најголемите сликари, вајари, цртачи и графичари од 20. век, основач на кубизмот (покрај Жорж Брак), Шпанецот Пабло Пикасо, се гордеел со своето ромско потекло.
Сликарот кој создаде повеќе од 6.000 слики, скулптури и цртежи, и чии дела вредат милиони, се женел два пати и имал многу љубовници. Имал четири деца, а последното – ќерката Палома, ја добил на 68-годишна возраст.
Рита Хејворт (1918-1987)
Иако многумина го оспоруваа овој факт, судејќи според магазинот „Gypsy Roma Traveller“, американската пин-ап божица и секс-симбол на 40-тите години, Рита Хејворт, родена како Маргарита Кармен Кансино, била Ромка.
Црвенокосата убавица за потребите на филмот станала русокоса, а во својата кариера остварила 71 улога. Нејзиниот најпознат филм „Гилда“ (Gilda), од 1946 година, остана запомнет по сензуалното соблекување на нејзината ракавица.