Силјановска-Давкова стартува со две недели предност, ако се има предвид оти нејзиниот избор на струшката конвенција на ВМРО-ДПМНЕ се случи на 16 февруари. Професорката ги издржа првичните критики и недолични коментари за нејзините години и за изгледот, но веројатно следните денови и недели ќе мора да објаснува како мисли да го анулира или ублажи договорот од Преспа, анализира Независен.

Решението за името и законот за двојазичност се главните процеси во кои не се согласува со власта, иако се оградува дека не е проблемот во тоа дали и се допаѓаат или не, туку пред сè што се неуставно донесени. Забелешки има практично за сите политики на владата предводена од Зоран Заев. Во изјава за „Независен весник“, Силјановска-Давкова рече дека не ветува работи што не можат да се исполнат дури и ако победи на изборите и го ветува само она што е во рамките на уставните ингеренции на претседателот на државата.

„Надворешната политика, а особено претставувањето на државата надвор и потпишувањето на меѓународни договори влегува во тој домен. Она што го укажував со месеци наназад беше противправната постапка низ која беше донесен овој договор, вклучувајќи го тука и референдумскиот процес. Токму по тие прашања секој меѓународен договор може да биде оспорен согласно одредбите на Виенската конвенција. Значи, зборувам за правна постапка пред надлежна меѓународна институција, а не за политичко ветување. Инаку, во Република Македонија надлежен за уставноста на овој договор е Уставен суд, но тој не работи со правни аргументи. Она што можам да го ветам, без страв дека некого ќе разочарам, е дека прашањето ќе го држам отворено, во секоја пригода кога тоа ќе биде можно“, нагласува Силјановска-Давкова.

Извор: Независен