Медицинската сестра од Мумбаи, која по бруталното силување мина 40 години во кома, во понеделник почина од воспаление на белите дробови, соопшти управата на болницата Кинг Едвард Меморијал Хоспитал во која некогаш работеше и го доживеа сексуалниот напад.
Аруна Шанбауг(67) последните години беше во центарот на расправите околу еутаназијата.
Шанбауг на 27 ноември 1973 година на возраст од 26 години, била свирепо силувана од страна на чистачот во болницата. Покрај бројните повреди што ги претрпела за време на насилниот чин, сериозно и бил оштетен и мозокот и останала парализирана.
Откако падна во кома, никогаш не се пробуди. Пред да биде силувана, планирала венчавка со болничкиот техничар.
Индискиот врховен суд во 2011 година ја отфрли петицијата на новинарот Пинки Вирани, кој побара таа да се исклучи од апаратите, бидејќи нејзината актуелна состојба го крши нејзиното „право на достоинствен живот“. Но, петицијата е отфрлена заради противењето на болничкиот персонал и сестрите кои се грижеа за Шанбауг четири децении.
Нејзиниот напаѓач беше осуден на само седум години затвор заради грабеж и напад. Не му се судеше за силување бидејќи властите го избришале делот од извештајот каде што се споменува силување. Нејзината кома е една од најдолгите во историјата.