Силуваното тринаесетгодишно ромско девојче, штитеник на државната институција за згрижување деца „25 Мај“, имало макро, според неговите изјави давани во полиција, а за кои информира и Министерство за труд и социјална политика. МВР и дополнително истражува дали девојчето доброволно ги вршело сексуалните дејства бидејќи тоа посочувало лица со име и презиме за кои велело дека со нив е во љубовна врска, а потоа ги менувало изјавите.
Тоа повеќепати било пријавувано како исчезнато од страна на старателот назначен по службена должност кога претходно била земена од биолошкото семејство. Од страна на МВР било забележувано и приведувано на коцката кај МКЦ, а потоа од домот „25 Мај“ било однесено во Безбедната куќа каде што се сместуваат жртвите на сексуално насилство и потоа по нејзина желба да го напушти овој згрижувачки шелтер-центар. Министерството за труд и социјална работи вели дека за посочената малолтеничка имало посебна грижа, но без резултати. Секој пат кога девојчето го исчезнувало од домот, старателот пријавувал во МВР. Според изјавите што девојчето ги давало во МВР, а за кои информира МТСП, тоа од лице што го знаело било носено во пет општини во Македонија каде што давало сексуални услуги, но некогаш било и сексуално малтретирана.
Министерството за труд и социјална политика информира дека формирале комисија која детално ќе ги испита случајот за 13-годишното девојче, за кое невладината Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека завчера било подложено на абортус откако забременила по сексуално злоставување како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 мај“.
Според информациите од невладината организација девојчето од „25 мај“ исчезнало на први март лани, кога според нејзините тврдења постар маж ја зел од домот и ја однел во друг град каде ја принудувал на сексуални односи и на физичка работа.
„По 30 дена успеала да избега и да се качи на автобус и да дојде во Скопје, а полицијата ја нашла на Бит пазар. Таа пред мониторот од нашата организација кажа дека сексуално била злоставувана во летен камп во Струга, каде била однесена со други деца од домот, а кога го пријавила злоставувањето згрижувачите од државната институција не ѝ поверувале. Потоа била пренесена во друга заштитна установа ’Ранка Милановиќ‘, каде било утврдено дека е бремена“, стои во информацијата објавена на веб страната на ЕЦПР.
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, кажа дека ако комисијата утврди грешка во работата социјалниот работник, кој го водел случајот на девојчето, Министерството ќе покрене дисциплинска постапка и прекршочна пријава и против социјалниот работник и против раководителот на Центарот за социјални работи.
„Не е точно дека девојчето било злоупотребено додека било згрижено во институцијата. Институцијата во која е сместено е од отворен тип и не може да ѝ се забрани да излезе. Според информациите што ние ги имаме не станува збор за силување, туку за сексуална експлоатација, од надворешно лице. За ова девојче повеќепати интервенирало и Министерството за внатрешни работи, а за секое исчезнување од институцијата во која е згрижено, тоа е воспитно-социјалната установа ’25 мај‘, установата во рок од 24 часа пријавувала во МВР од каде со потерница е барано“, вели Царовска.
Таа објасни дека станува збор за девојче од дисфункционално семејство, кое е одземено од родителите 2011 година, кога му е одреден старател од Центарот за социјални работи Скопје.Тринаесетгодишното девојче било одземено од своите родители во 2011 година поради питање, а потоа до 2016 година било во 5 семејства, каде што не можело да се адаптира. Неговите родители имале и деца кои починале како последица од конзумирање дрога. Абортусот е направен по желба на девојчето, а одлуката била на старателот.
Таа објасни дека во првиот случај кога е сместено девојчето во шелтер центарот, институциите не успеале да докажат дека се работи за сексуална експлоатација и да се најдат сторителите, а бидејќи немале такви докази девојчето повторно е вратено во установа од отворен тип, односно во „25 мај“.
„Сега е сместена во шелтер центарот, со неа ќе работи и психотерапевт, и нашата основна грижа е ова девојче да ги извлечеме од овој круг. Од Министерството има допис до МВР за случајот во кој бараме да го расчисти“, вели Царовска.