Синдикатите најавуваат дека ќе достават ново барање за износот на минималната плата на Економско-социјалниот совет. Работодавачите не се согласуваат да се лицитира со износот на минималната плата, а Владата го повтори ставот дека ќе прифати сѐ што ќе договорат синдикатот и работодавачите.
Најновиот предлог на синдикатите се темели на пресметките дека стандардот на работниците дополнително се намалил последната година и предлагаат минималната плата наместо 450 евра колку што бараа досега да изнесува 500 евра. Но, притоа предлагаат придонесите од 3.000 до 6.000 денари да ги субвенционира Владата во период од една година.

– Во изминатиот период стандардот на работниците опадна, па потребата нивните плати да растат е уште поголема, посебно на минималната плата која ја земаат голем број работници. Во претходните разговори зависно од секторите некои од работодавачите прифаќаат да се зголеми минималната плата, но дел од нив како во текстилот, сметаат дека тоа ќе биде дополнително оптоварување за нив во услови кога им е намалена работата. Затоа предлагаме Владата да субвенционира дел од придонесите – вели Љупчо Радовски, претседател на синдикатот на текстил.
Синдикатот планира предлогот да го достави до Владата и очекува за него повторно да се разговара на Eкономско-социјалниот совет во март до кога ќе треба да се утврди репрезентативноста на синдикатите која истекла во декември лани. Владата ќе треба да избере и нови членови во Економско-социјалниот совет од нејзините редови. Се очекува ова да биде завршено на првата или на следната седница на Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот на Владата дека ќе биде поддржан секој износ на минимална плата кој ќе го договорат работодавачите и синдикатите. Ако нема договор тогаш ќе важи законски пресметаниот износ на минимална плата.
Според методологијата за пресметка на минималната плата предвидена во законот за минимална плата, таа би требало да изнесува 24.400 денари или околу 400 евра. Дали синдикатот ќе се избори за износ на минимална плата од првично побараните 450 или од 500 евра според новото барање ќе се види по првата седница на Економско-социјалниот совет.
Исплатената висина на минимална плата во бруто износ за март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата, за претходната година и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година. И двата услова ги пресметува Државниот завод за статистика.
Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во државата објавена од Државниот завод за статистика.