Грешка сте дека обвиненијата ќе се процесуираат од септември. Сите овие предмети треба да се процесуираат по итна постапка и судот треба во 24 часа да почне да решава по нив, затоа што има предвидено и мерка притвор за лидер на една политичка партија, вака одговори специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на новинарско прашање дали очекува процесуирање на обвиненијата од септември.
Јанева рече дека СЈО бара мерка притвор и за други високи поранешни, но и актуелни функционери, а засега нема обвиненија за високи функционери на ДУИ. Од Обвинителството појаснија дека за 18 од обвинетите бараат судот да им одреди мерка притвор, а за 47 побарале мерки на претпазливост.
Од досега најавените истраги не е поднесено обвинение за случаите „Талир“ и „Табла“, додека „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во едно.Јанева рече и дека за „Талир“ нема пречки, но е многу мал периодот за истрага. Не може, рече Јанева, некој да спроведе истрага за 1 месец за друг кој нелегално финансирал кампањи осум години.
– Постојат законски обврски кои мора да ги почитуваме во тој предмет. Случајот „Талир“ откако ќе биде истражен треба да подлежи на вештачење од независни вештаци кои би ја утврдиле фактичката состојба – појасни таа.
Запрашана за значењето на буквата Т со кои почнуваат сите обвиненија, Јанева ја разби мистериозноста околу имињата на случаите велејќи дека Т не крие ништо позади себе, туку „се наметна сама по себе и нема некоја посебна причина“. Прашана што ќе се случи со нејзиниот тим после 1 јули, таа појасни дека согласно законот за СЈО, како што рече таа, „обвинителите се тука додека трае и мојот мандат така што остануваат во тимот до крај“.