Скопје се подготвува за Илинден – Централната манифестација во Вила Водно


Во Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Вила Водно, по повод државниот празник Ден на Републиката на 2 август со почеток во 11:30 часот ќе се одржи централна манифестација на која ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски и претставник на главниот одбор на Сојузот на борците.

На свеченоста во Кабинетот на претседателот се поканети членови на Сојузот на борците, претставници на институции и на политички партии во државата, како и членови на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија.

Претходно, во организација на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, во Скопје ќе се одржат неколку настани во рамки на чествувањето на 2 Август.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, во Алејата на великаните, на градските гробишта Бутел во Скопје, претседателот Пендаровски заедно со претставници на Сојузот на борците, во 10 часот ќе положи цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ, а ќе се поклони и ќе оддаде почит на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генерал Михајло Апостолски.

Делегација од Кабинетот на пpетседателот, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, во 8:45 часот ќе положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот Жена-борец, во 9 часот пред споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Македонија, и во 09:15 часот пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на градскиот плоштад во Скопје.

Свеченостите за чествување на 2 Август – Илинден во организација на Кабинетот на претседателот на Република Македонија ќе бидат отворени за медиумите, а од централната свеченост во Вилата Водно ќе се врши и директен пренос на јавниот сервис.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1