Како и лани, и годинава, на само неколку метри оддалеченост, во центарот на градот ќе има две прослави. Онаа што ќе ја организира Град Скопје, најверојатно, ќе биде на плоштадот Пела, под Портата, а на Општина Центар, како и лани, на скверот Јадран, пишува Вест.
Од Општината уште не кажуваат кои домашни или странски изведувачи ќе ги забавуваат граѓаните на новогодишната ноќ. Оттаму само потврдуваат дека ќе има прослава.
“Граѓаните на Центар и на Скопје беа задоволни од организацијата и од манифестацијата ‘Град во градот’.
На сите средби кои градоначалникот ги има со граѓаните, тие бараат Општина Центар повторно да организира пречек на Новата година и посебна приредба за децата. Така ќе биде и годинава, а за сите детали дополнително ќе ве известиме”, велат од кабинетот на градоначалникот Андреј Жерновски.
Од пред два дена, Општина Центар почна и со новогодишно украсување на улиците низ Општината. Предвидено е со црвено-бели новогодишни украси и со светилки да светната улиците Максим Горки, Никола Вапцаров, Орце Николов, Ѓорги Пешков, Михаил Цоков, Народен фронт, скверот Јадран, скверот пред Општината и општинскиот двор, Раде Кончар и скверот Капиштец.
Од Град Скопје минатата недела информираа дека сè уште им е во тек постапката за избор на фирма која ќе ги украсува градските улици и плоштадите, но викендов украси се поставуваа и на некои улици во надлежност на Градот.