Скопје лежи на подземни води


Скопската котлина изобилува со подземни води. Буквално, градот лежи на вода. Тоа, пред сé, го прави неговата местоположба, околните планини и реките Вардар, Треска и Лепенец. Податоците од УХРМ велат дека градот нема да има криза за вода за пиење, барем во наредниве години, па и децении, бидејќи подземните води се присутни во голем дел на котлината, како во крајбрежниот режим покрај Вардар, така и околу подножјето на Водно и на Скопска Црна Гора, пишува Нова Македонија.

skopje7– Во Скопје има вкупно 47 мерни станици каде што се регистрира нивото и квалитетот на подземните води. Со новата програма за испитување на квалитетот на подземните води се поставени и нови станици за мерење во околината на Сарај, Грчец и на Кондово. Од сите овие мерни места добиваме резултати за нивото, квалитетот и за температурата на водата, податоци кои се битни за следење на вкупната хидролошка карта не само на градот, туку и на државава – вели Блага Уневска, советник за подземни води и извори при УХМР.

Изворот Рашче е безбеден и има изобилие од вода, пред сé, поради податокот дека ја црпи од басенот, кој се претпоставува дека се наоѓа под Сува Планина, каде што според некои претпоставки, има околу 10 милиони кубни метри вода.

Подземните води се највидливи во делот на општината Илинден, селата Белимбегово, Кадино и околината, каде што водата се наоѓа на само 50 сантиметри под површината на земјата. Податоците од УХМР за другите мерни места велат дека во општината Ѓорче Петров подземните води се на 3,5 метри под површината, додека во Карпош на четири метри. Мерното место кај хотелот „Континентал“ покажува дека тука водата е осум метри под површината, кај ОХИС на 7,5 метри, додека во селото Црешево таа е на пониска кота или на 13 метри под површината. На мерното место во ‘Ржаничино таа е на само 1,20 метар.

Она што е евидентно е дека подземната вода во центарот на градот и во околните градски општини полека се истиснува на пониски коти. Пред сé, поради урбанизацијата, уништувањето на зеленилото, сé помалиот број паркови, поради што градот е налик на асфалтно-бетонско корито, кое дождовницата и снегот веднаш ги исфрла во Вардар. Од УХРМ апелираат до сите жители, институции и приватни компании да ги заштитат и да не ги уништуваат мерните места од кои се добиваат сите податоци за водите, проблем кој е, пред сé, евидентен во централното градско подрачје и во општините каде што се гради на големо.

Нова Македонија.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1