Скопскиот аеродром со 37 редовни авиолинии во зимскиот ред на летање


Со зимскиот распоред на летање што стапи во сила на Меѓународниот аеродром Скопје функционираат 37 редовни авиолинии до 35 дестинации што се опслужени од 13 авиокомпании, информираат за МИА од ТАВ Македонија, концесионерот на македонските аеродроми.

Најновата дестинација додадена во распоредот на скопскиот аеродром е редовниот лет од Атина до Скопје, со кој од утре ќе оперира „Ејџиан Ерлајнс“ (Aegean Airlines).

Нискобуџетниот авиопревозник „Визер“ има летови до: Братислава, Брисел (Шарлероа), Будимпешта, Келн, Копенхаген, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт (Хан), Фридрихшафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Малме, Малта, Милано (Малпенса), Минхен (Меминген), Нирнберг, Осло (Сандефјорд), Париз (Бувоа), Рим, Стокхолм (Скавста), Венеција (Тревизо) и Лондон (Лутон).

„Катар ервејс“ оперира до Доха, „Флајдубаи“ до Дубаи, Истанбул е опслужуван од „Туркиш ерлајнс“ кои летаат до „Ататурк“, и „Пегасус ерлајнс“ што летаат до „Сабиха Гокчен“. „Адриа ервејс“ лета до Љубљана, „Аустриан“ до Виена, „ЛОТ Полиш“ до Варшава, „Кроација“ до Загреб, Ер Србија до Белград, додека „Еделвајс“ и „Германија флуг“ го опслужуваат Цирих.

– На Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, „Визер“ ќе ја отвори Виена како нова дестинација и редовна линија во текот на целата година, почнувајќи од 17 ноември 2018, велат од ТАВ Македонија.

Охридскиот аеродром во текот на годината има три редовни авиолинии – Виена, Цирих и Базел, и осум сезонски дестинации (Истанбул, Катовице, Варшава, Талин, Ајндховен, Тел Авив, Брисел и Амстердам) опслужувани од 11 авиокомпании („Визер“, „Онур ер“, „Смол планет ерлајнс“, „Ентер ер“, „Нордика“, „Корендон“, „Аркиа“, „ТУИФлај“, „Германиа Флуг“, „Хелветик“, „Брисел ерлајнс“).

Во првите девет месеци од 2018 година услугите на двата аеродрома ги користеле 1,8 милиони патници, што е пораст од 18 отсто во споредба со истиот период лани. Бројот на летови, пак, од јануари до септември годинава на двата аеродроми е 15.395, што е зголемување од 12 проценти.

Од ТАВ Македонија велат дека очекуваат досегашното темпо на двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај да продолжи до крајот на годинава. Како што потенцираат, резултатите што ги остваруваат македонските аеродроми се повисоки од официјалниот просек од 4,8 отсто во Европската Унија, како и од растот од 6,8 проценти на аеродромите надвор од ЕУ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1