Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев на денешната прес-конференција во населбата Ново село истакна дека за излевањето на реката Брегалница во штипските населби се важни следните шест часа.
– Големиот ударен бран од Калиманци, допрва доаѓа во Штип. Голема среќа за нашиот град, за населбите во нашиот град и населените места долж течението на река Брегалница е тоа што Кочанско поле е со пониска кота, водите комплетно се излееја во Општините Кочани и Чешиново-Облешево, вели Захариев и додава дека во моментов е качено нивото за 35 сантиметри, значи понатаму расте. На неколку мерни точки ние тоа го контролираме. Се надеваме дека водениот бран после шест часа ќе се намали, бидејќи од Калиманци истекува помалку вода и помал е дотокот на вода. Морам да истакнам дека ние во овој момент сме целосно спремни да се справиме со каква било елементарна непогода – синоќа што работевме, вчера и денеска и подршката која ја добивме од градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, за што посебно му се заблагодарувам. Нивната елитна противпожарна единица е во нашиот град и со специјални пумпи за испумпување на вода.
Состојбата и понатаму будно се следи.