Снаоѓајте се сами ако банкротира туристичката агенција додека сте на одмор


Македонските туристи додека се на одмор во странство, секогаш треба при рака да имаат екстра-пари во случај да банкротира туристичката агенција преку која уплатиле аранжман. Во ваква ситуација тие самите ќе мора да се снаоѓаат за да си го платат превозот за назад, како и да ги намират трошоците во хотелот доколку агенцијата навреме не го сторила тоа. На крајот никој не им гарантира дека ќе бидат обесштетени за дополнителните трошоци на кои биле изложени, пишува Дневник.

turistОд Министерството за економија објаснуваат дека секоја туристичка агенција за да добие А-лиценца, мора да склучи годишен договор со осигурителна компанија за осигурување од одговорност од вршење на дејноста во износ од 100.000 евра. Тоа осигурување, објаснуваат надлежните, треба да го покрие обесштетувањето за патниците во вакви и слични ситуации. Сепак, осигурителни агенти објаснуваат дека овој вид осигурување не секогаш е гаранција дека патниците ќе можат да бидат обесштетени при евентуален банкрот на туристичката агенција.

Патничкото осигурување што туристите задолжително треба да го извадат пред да патуваат во странство не покрива вакви ситуации. Овој вид осигурување се однесува само на здравствено осигурување, а за одредена дополнителна сума може да се осигури и багажот од доцнење или губење. Ситуации како што се измамени туристи во странство од страна на агенцијата или оставени на цедило, не може да се покријат со осигурување.

Една од најнепријатните ситуации со кои досега се соочил македонскиот туризам беше пред три години кога 19 туристички агенции и неколку стотини граѓани од земјава беа измамени од туристичката агенција „Летс травел“ преку која уплаќаа аранжмани за Северен Kипар.

Агенцијата, која беше со македонско-турски мешовит капитал, се промовира како ексклузивен застапник за патувања во Северен Kипар, при што за овие аранжмани успеа да наплати околу 86.000 евра од агенциите, како и дополнителни пари од патниците што никогаш не отпатуваа на тие патувања бидејќи парите од земјава беа префрлени во Турција, но тамошниот менаџер никогаш не ги уплати во хотелите во Северен Kипар. Некои од македонските туристички агенции кои беа измамени велат дека беа принудени од сопствени пари да ги обесштетуваат патниците бидејќи осигурителната компанија одбила да им исплати пари тврдејќи дека осигурувањето на „Летс травел“ не покрива вакви ситуации. На крајот случајот заврши со одземање на лиценцата за работа на „Летс травел“ и со кривични пријави за сопственикот и управителот на компанијата.

Патниците на кои им бил уништен годишниот одмор или патувањето целосно им било откажано, освен што имаат право да бараат враќање на уплатените пари, имаат право да бараат и отштета за претрпен стрес и душевна болка. За тоа треба да поднесат тужба до надлежниот суд во земјава доколку станува збор за патување организирано преку домашна туристичка агенција. Сепак, проблемот настанува доколку незгодите се појавиле поради банкрот на агенцијата бидејќи во тој случај патникот нема од кого да си го наплати побарувањето.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1