Снимка од апсењето на Македонецот за продажба на доверлива документација за производство на муниција


Српскиот весник „Вечерње новости“ вечерва објави дека уапсениот државјанин на Македонија во Србија е Шевќет Д., кој прибирал докуметација од фабриката за муниција „Први Партизан“ од Ужице, со цел да изработи машина за производство на муниција со калибар 12,7 мм во погоните на некогашната фабрика за муниција „Сувенир“ во Македонски Брод, како и во фабриката за оружје во Катар, каде е косопственик.

Според првичните информации од истрагата, како што објави „Вечерње новости“, повикувајќи се на оперативните сознанија на БИА и Вишото јавно обвинителство во Белград и во Краљево, „двајцата сегашни и еден поранешен вработен во „Први партизан“ веќе подолго време недозволено ја присвојувале и изнесувале техничката документација, со цел остварување на материјална корист добиена од конкурентни компании, пред сè, од Северна Македонија, Катар и Босна и Херцеговина.

Пензионираниот инженер Боривоје Г. во понеделникот се состана со Шефќет Д. во белградскиот хотел „Хилтон“ за да се договори за собирање и доставување на документација од поранешен работник во „Први партизан“. Според сегашните информации, Боривоје Г. за споменатиот сопственик на „Арс груп“ на претходна средба на 16 октомври во белградскиот хотел „Константин Велики“, во форма на аванс добил околу 30.000 евра. За останатиот дел, постојат сомнежи, дека веројатно требало да добие ист износ, по завршување на работата односно по достава на целата документација, објави „Вечерње новости“.

Според весникот за време на состанокот на пензионираниот инженер и македонскиот државјанин во Белград, полицијата по налог на надлежното Обвинителство, на подрачјето на Ужице и Пожега ги уапси и Небојша И. и Милован М. под сомнение дека ја ставиле на располагање на својот поранешен колега документацијата од „Први партизан“, како и дека за оваа услуга имале материјална корист.

На осомничените одредена им е мерка притвор 48 часа, поднесена им е кривична пријава и поради сослушувањето ќе бидат изведени пред надлежен обвинител.

Тие се товарат за злоупотреба на службена должност и примање мито односно дека при извршување на кривичното дело продавале проекти и друга документација која и припаѓаа на „Први партизан“ од Ужице, а се однесува на производство на оружје и муниција.

Вечерва во тек се претреси на локации во Белград, Ужице и Пожега, како и во просториите на претпријатието „Први Партизан“. Исто така, надлежните работат интензивно за да ги дознаат сите детали поврзани со овој случај, како и на сослушувања на потенцијалните сведоци.

Фабриката „Први Партизан“ од Ужице е една од најстарите и најголеми фабрики за муниција и покрај производството на околу 400 типови на муниција за карабини, пиштоли и револвери, компанијата произведува и артилериска муниција, машини за производство на муниција, алати за производство на муниција и друго.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1