Додека трае потерата за шефот на картелот Синалоа, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, мексиканските власти објавија ново видео на кое може да се види моментот кога тој побегнал од максимално обезбедениот затвор.
Мексиканскиот комесар за национална безбедност, Монте Алехандро Рубидо, во вторникот нагласи дека властите се заветиле дека ќе го фатат кралот на дрогата, велејќи, „Сите полициски сили во државата Мексико работат координирано со цел да успеат набргу да го уловат Гузман“.
Рубидо вели дека вработените во затворот кои биле на должност за време на бегството на Гузман биле испрашувани со цел да се определи нивната одговорност во овој случај.
Гузман побегна од Алтиплано федералниот затвор неколку минути после 9 часот навечер. Ова е неговото второ невозможно бегство од затвор во последните 15 години.
Камерите го снимиле како се проближува до просторијата со тушеви. Кога чуварите отишле да го проверат подоцна, тој бил исчезнат. Наместо него, нашле отвор кој води кон тунел ископан во подот на бањата.
Бегството е голем срам за властите во Мексико, меѓу кои и претседателот Енрике Пења Нието, за кого „ловот“ на „Ел Чапо“ беше достигнување со кое тој се гордее.