Во Фрајбург во средата започнало судењето на 18-годишниот Германец поради убиство на човекот кој бил осомничен дека ја силувал неговата сестра, објавило локалното обвинителство.
Германецот, кој тогаш имал 17 години, е обвинет дека силувачот го дочекал во заседа на паркингот во градот Нојенбург ам Рејн, и го избодел со нож 23 пати.
Жртвата, 27-годишен маж, на самото место починала.
Му се суди и на 48-годишниот татко на обвинетиот тинејџер, поради соучество во убиството. Уште двајца мажи, на возраст од 19 и 21 година, се обвинети дека им помагале во тоа злосторство.
Локалните медиуми наведуваат дека наводниот силувач бил под истрага, но дека семејството на силуваната девојка му влегло во траг преку социјалните мрежи.