По големата победа над Динамо Минск и пласманот во четврт-финалето од Лигата на шампионите на прес конференцијата првиот стрелец на Металург, Ренато Вугринец остана без зборови, а солзите во очите кажаа се.
Тренерот на македонскиот шампион, Лино Червар не го криеше задоволството од големата победа, посебно им се заблагодари на играчите, луѓето во клубот, но и на верната публика, која и вечерва во арената Борис Трајковски беше фантастична.
“Секако дека сум среќен бидејќи го реализиравме сонот што го почнавме пред четири години. Горд сум што сум на чело на оваа екипа, на овој мал клуб од крајот на градот од една мала населба Автокоманда. Работиме во една сала што е градена од дрво и камен, среќа имаме греење бидејќи сме поврзани на градското парно. На патувањата ги избираме најевтините варијанти, често пати спиеме по аеродроми со сендвичи во рацете. Ние немаме многу пари, но сме во друштво со екипи како што Барселона, Кил, Хамбург, кои имаат десет пати поголем буџет од нас. Но. ние докажавме дека и малите можат да стигнат до голем резултат. Горд сум на играчите, на луѓето кои се во клубот кои дадоа се од себе да го постигнеме овој резултат. Посебно им благодарам на нашите навивачи и денеска беа фантастични, ние имаме посебна публика, тоа се семејни луѓе кои доаѓаат на нашите натпревари и не бодрат со сето срце”, рече Червар во емотивното обраќање.
Тој во моментов не размислува за следниот противник, вели дека му е сеедно и дека тоа е божја волја. Едноставно сега сака со своите ракометари и сите во клубот да го прослават големиот успех.
Alfa