Собранието донесе одлука за самораспуштање


Собранието вечерва донесе одлука за самораспуштање за да се одржат предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година. „За“ одлуката гласаа 72 пратеници, шест беа воздржани и еден против.

Предлогот денеска да се расправа за одлука за самораспуштање, која ќе стапи во сила одложено, од 24 февруари 2016, го потпишаа 68 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Го образложија пратениците Илија Димовски и Талат Џафери.sobranie_RM

Според нив, со одлуката за самораспуштање тие остануваат доследни на договорот од Пржино од  5 јуни  и 15 јули 2015, кога беше договорено терминот на  изборите да биде на  24 април. Против овој датум е СДСМ – една од четирите партии кои учествуваа на договорите во Пржино.

Пратениците од СДСМ не учествуваа на расправата. Ја напуштија зашто партијата бара одложување на изборите. Ѓорѓи Сугаревски рече дека нема да учествуваат додека не се прочисти избирачкиот список и додека не се изврши регулација на медиумите. Опозициската партија нив ги смета за два клучни услова за да се организираат предвремени избори на 24 април 2016.

Илија Димовски на почетокот од расправата рече дека нема поголема доблест за едно Собрание од тоа да гласа за свое распуштање. Тоа значи, рече тој, дека во овој ден пратениците ќе одлучат тие повеќе да не одлучуваат туку финалната одлука за тоа по која патека ќе оди државата да ја донесат граѓаните на Македонија.

– Имаме обврска да ги слушнеме и граѓаните, оние граѓани кои секојдневно не прашуваат кога ќе заврши оваа политичка криза. Оние граѓани кои се наоѓаат под притисокот на политиката, оние граѓани кои ги запреа своите бизниси, оние граѓани коишто го запреа нормалното живеење под притисок на политиката. Ние сме должни како Собрание и пратеници, како возрасни луѓе да ставиме точка на оваа политичка криза и да овозможиме да го вратиме нашиот мандат на оние на кои им припаѓа. На оние коишто одлучуваат за суверенитетот и за патеката по која ќе оди Македонија, истакна Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека нови избори ќе значат стабилност за државата.  Владимир Ѓорчев рече дека Република Македонија е во политичка криза една година, а СДСМ и Зоран Заев, како што рече, со сите сили се обидуваат да се одржи состојба на трајна хронична политичка криза.

– Тоа не е добро за граѓаните и државата, за економијата и за севкупните состојби. Треба да заврши кризата и агонијата. Собранието треба да гласа за свое распуштање и да се оди на избори за потоа овој законодавен дом со полн легитимитет да продолжи да работи, рече Ѓорчев. Додаде дека во оваа година откако трае политичката криза, политиката станала пречка за економијата, наместо да ја промовира, станала место на обвинување и антидржавно однесување, а не место за натпревар во подобри идеи.

Талат Џафери од ДУИ рече дека поддржуваат самораспуштање зашто водат конзистентна политика и сакаат да ги исполнат роковите од Пржино за договорениот ден на изборите.

Одлагање на изборите за два до три месеца побара Лилјана Поповска која рече дека на изборите треба да учествува и опозицијата за која, рече таа, сите се боревме да се врати назад во Собранието. Солза Грчева, исто така, смета дека избори на 24 април ќе биде вовед во уште подлабока политичка криза.

Павле Трајанов, пак, смета дека самораспуштањето на Парламентот еден месец однапред е незаконски и се крши член 63 од Уставот. Забелешка за одложеното дејство на одлуката за самораспуштање, која ќе биде ефективна на 24 февруари, имаше и пратеничката Роза Топузовска-Каревска.

По изгласувањето на Одлуката, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави нова седница вечерва од 22 часот, на која ќе се избира преодна Влада на Република Македонија. На седницата експозе ќе има мандатарот Емил Димитриев кому претседателот Ѓорге Иванов вечерва му го врачи мандатот за премиер и состав на преодната Влада.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1