Собранието изгласа: Со законот на неопределено време ќе се вработат над 3.000 лица


Денес Собранието на Република Македонија го усвои Законот за трансформација во редовен работен однос со кој сите ангажирани лица во јавниот сектор без решен статус ќе добијат редовно вработување.

Со законот ќе бидат опфатени над 3.000 лица кои работат со години во државни институции и органи на определено работно време преку разни видови договори.sobranie vnatre3

Откако Законот ќе стапи во сила институциите каде што се ангажирани вработените се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.

Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци заклучно со 30 ноември 2014 година и се уште се со таков работен ангажман, да можат да остварат право за засновање редовен работен однос на неопределено време.

Со амандманска интервенција, како што појасни пратеникот Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ, се овозможува тие да имаат прекин по овој датум, но не подолг од еден месец со цел, како што рече, да се надминат проблемите кои се јавија со почетокот на примената на законот за хонорарите кој почна да се применува од 1 јануари, кога поради административни причини имало куси прекини во обновувањето на договорите

Во периодот до стапување во сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи, односно и понатаму ќе бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани, односно со волонтерски договор, договор на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надомест по основ на тие видови договори.

Триесет и пет проценти ќе добијат решенија за трајно вработување веднаш по стапувањето во сила на законот, уште 35 проценти од 1 декември годинава, а останатите од 1 септември следната година.

Приоритет во однос на динамиката за стапување во сила на договорите за редовен работен однос ќе имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период, односно први ќе бидат редовно вработени тие што работеле најдолго.

Со Законот за трансформација во редовен работен однос се предвидува решавање на статусот на неколку илјади лица ангажирани по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид договор во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од државата и единиците на локалната самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1