Собранието со 80 гласа „За“ одлучи да пристапи кон менување на Уставот


По цел ден чекање на почетокот на собраниската седница за уставни измени, вечерва владејачкото мнозинство успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за предлогот на Владата за потребата од уставни измени. Пратениците гласаа со 80 гласа „за“, без гласови „против“ и „воздржани“ од присутни 117 пратеници.

Од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ „за“ гласаа Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Сашо Василевски, Нора Исмаиловска Старова, Елизабета Канческа Милевска, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов.

Владејачкото мнозинство неколку дена се обидуваше да постигне двотретинско мнозинство кое беше неопходно за да се пристапи кон измени на Уставот преку амандмани.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ до вчера беа категорично против предлогот за уставни измени. Пратеничката група во средата испрати писмо во кое се велеше дека се откажуваат од дебатата во Собранието, која ја нарекоа јалова, и потенцираа дека нема да гласаат за уставни измени.

Апели за двотретинско мнозинство пристигнаа и од ЕУ и САД.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, утринава изрази увереност дека пратениците од сите политички парии во македонското Собрание ќе ги тргнат настрана партиските интереси и ќе донесат одлука во интерес на земјата и граѓаните.

Заменикот помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, кој треба да пристигне во понеделник, апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи пратениците да гласаат по нивно уверување без страв од закани и одмазда.

Според Деловникот, следно е Владата да ги подготви уставните амандмани, кои треба да се гласаат во Комисијата за уставни прашања и Законодавно правната комисија. Потоа Собранието треба да отвори јавна дискусија, по што ќе се поднесуваат амандмани на уставните амандмани. По расправата и изјаснувањето за поднесените амандмани, Собранието треба уставните амандмани да ги изгласа со двотретинско мнозинство со што Уставот ќе биде конечно променет.

Оваа процедура се очекува да трае околу три месеци.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1