Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, својата посета на Виена ја искористи да даде интервју за австрискиот весник „Куриер’“, во кое говори и за теми кои што не се во негова надлежност, а го споменува и прашањето за името.
Новинарката во текстот пишува дека Бутарис не се грижи само за општината што ја раководи, туку и за надворешната политика. Таа го споменува неговото неодамнешно патување во Скопје и вели дека тој е ангажиран и за решавање на долгогодишниот спор меѓу двете соседни земји.
– Новиот претседател на владата Зоран Заев нема националистички идеи како неговиот претходник Никола Груевски, кој беше страшна несреќа за земјата. Заев сака компромис за името: Република Нова Македонија или Северна Македонија. Грција никогаш не би го прифатила името Република Македонија – вели солунскиот градоначалник за австрискиот весник.
Јанис Бутарис, како што пишува „Куриер“, смета дека со новото име, Македонија би можела да најде нов идентитет за самата земја и за нејзините граѓани, а со решение на името би се отворил патот до НАТО.
Како што објави МИА во средата, по испратеното пратеничко прашање на пратеник од опозициската Нова демократија за патувањето на Бутарис во Скопје, солунскиот градоначалник излезе со писмена изјава во која објасни дека општина Солун, не води надворешна политика и поддржува сложено име за соседната земја.