Во снежната драма кај месноста Фикетиќ, во северна Србија, повеќе од 1.000 лица беа заробени во снежните наноси, кои наместа достигнуваат и до пет метри. Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Србија, евакуирани се сите претходно завеани патници кај Фикетиќ, но блокирани се нови 50 возила. Со воени хеликоптери беа евакуирани децата и жените кои се здобиле со полесни смрзнатини, а меѓу нив и една жена во доцна бременост.
Службите се уште работат на отстранување на снегот и извлекување на блокираните возила од снегот, евакуација и доставување храна на загрозените. Во акцијата за спасување, освен припадниците на војската, жандармеријата, Секторот за вонредни ситуации, Секторот за патишта на Србија, се вклучи и српскиот вицепремиер, Александар Вучиќ, заедно со министрите за одбрана и за сообраќај.
Новиот застој на локалниот пат Бачка Топола – Суботица беше предизвикан од еден бугарски шлепер, кој се преврте на тоа место во саботата ноќта, и покрај забраната за движење во таа насока. Надлежните апелираат да не се поаѓа на пат без исклучителна потреба, посебно во Војводина. Метеоролозите за денес очекуваат намалување на јачината на ветрот и подобрување на временските прилики.
Во Хрватска, пак, Горски Котар е целосно заробен под мраз, а повеќе од половина од населението е без струја, додека патиштата се затворени. Ледениот дожд кој се смрзнува на почвата не престана да паѓа ни во текот на вчерашниот ден. На терен се излезени противпожарни бригади кои ги отстрануваат паднатите стебла од патиштата, но возењето, и покрај тоа, е небезбедно поради мразот. Надлежните не можат да предвидат кога ќе се смири ситуацијата, но се прават напори да им се помогне на граѓаните кои останаа отсечени и без електрична енергија поради бројните дефекти на електричната мрежа.