Споменик во Непроштено за Македонците киднапирани од ОНА


На 12-тата годишнина од конфликтот, конечно, ќе биде подигнат споменик што ќе сведочи за 12-те киднапирани Македонци, меѓу нив и тие од тетовското село Непроштено. Ова ќе биде прв паметник за цивилните жртви, кои во јули 2001 година од поранешните припадници на ОНА беа киднапирани од своите домови, ниви, дворови и улици за потоа да бидат и свирепо убиени и закопани во непознати гробници. Во Непроштено е уреден спомен-парк посветен на четворица од киднапираните и се чека на споменикот, за и официјално да биде промовиран, пишува Дневник.

neprosteno spomenik isceznatiДванаесет години трае и потрагата на роднините на киднапираните Македонци по своите блиски. Тие и натаму порачуваат дека ни амнестијата ни времето нема да ги скршат и да ги одвратат од потрагата по најмилите за да може, како што велат, достојно да ги закопаат. Роднините открија за „Дневник“ дека дури сега, по 12 години од киднапирањето, се подготвени да ги подигнат останките откопани од гробницата Непроштено и да ги упокојат своите блиски.

Спомен-парк

Спомен паркот е изграден со донации од месното население од Непроштено, од тетовци и граѓани од Македонија. Сместен е во центарот на македонскиот дел од село Непроштено. Спомен-паркот е поделен на два дела. Првиот дел е фонтана со кружен тек на водата како симбол дека животот продолжува и оти непроштенци остануваат во своите огништа без оглед на трагедиите. Во вториот дел од спомен-паркот ќе бие поставен споменикот во форма на пресечен мермерен блок како симбол на пресечениот живот на четворицата киднапирани и убиени соселани. На споменикот од бел мермер, кој се изработува во Прилеп, со златни букви ќе бидат испишани имињата на киднапираните и убиени од Непроштено, Kрсто Гогоски – киднапиран на 23.7.2001 г., Цветко Михајловски – киднапиран на 22.7.2001 г., Васко Михајловски-киднапиран на 22.7.2001 г., Стојан Михајловски – убиен на 6.9.2001 г. Зад споменикот ќе има шестметарски јарбол со државното знаме. Јарбол во висина од 17 метри со државното знаме ќе биде поставен и пред спомен-паркот.

– Споменикот го подигаме во знак на почит и сеќавање на киднапираните Македонци, жители на село Непроштено, и на жртвите од ова село во конфликтот од 2001 година. Ова ќе биде дел од текстот на споменикот, кој ќе претставува печат и сведоштво за тоа што се случи во 2001 година, но и порака дека и покрај убиствата, киднапирањата, изгорените куќи, животот во Непроштено продолжи и оти тука ќе останеме – вели Раско Богдановски од иницијативниот одбор за изградба на спомен-паркот.

Повеќе на – Дневник 

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1