Србинот не се чувствува виновен, детето на загинантите скопјани вратено во болница на тешка операција


Четириесет и шестгодишниот Драган Стефановиќ од Србија, првообвинет за кобната сообраќајка што се случи на 3 август годинава, на патот Удово-Демир Kапија, изјави дека сочувствува со семејството на загинатите, но не се чувствува виновен за сообраќајката.

Во петокот во Основниот суд во Гевгелија, Стефановиќ се обрати пред судијата, присутните роднини и пријатели на загинатата брачна двојка Билјана (32) и Небојша Пакиќ (41) од Скопје. Во сообраќајката тешко повреден беше и нивниот седумгодишен син.AVTOBUS SOOBRAKJAJKA

Стефановиќ дента возејќи „ауди“ со околу 80 километри на час претекнувал на полна линија и навлегол во спротивната лента при што се судрил со автобус, а потоа дошло до судир и со автомобилот „фиат сеиченто“, во кое било семејството Пакиќ. За разлика од Србинот, кој тврди дека не е виновен, бидејќи, според него, вештачењето било спорно, второобвинетиот Ѓорги Витанов (60), возач на автобус на „Струмица експрес“, рече дека се чувствува виновен иако се обидел да избегне да се случи трагедија. И тој го почна сведочењето изразувајќи сочувство за загинатите.

– Се чувствувам виновен. Прв пат пред мене одеднаш излезе друг автомобил. Направив с` што можев да спречам да се случи трагедија, но не можев – рече Витанов.

Призна дека погрешил што возел повеќе од дозволеното, односно околу 10 километри повеќе од дозволените 70 километри на час на таа делница.

– Свесен сум дека признанието повлекува последици, но тоа е вистината и од тоа не може да се бега. Сакав да направам нешто и да ја спасам ситуацијата, да се избегне поголема трагедија, но, за жал, тоа не се случи.

Во полза на возачот сведочеа и дел од патниците што виделе што се случило. Сведокот Менка Ангелова седела на едно од предните седишта во автобусот.

– Одеднаш пред автобусот се појави бела кола („ауди“ н.з.), која возеше цик-цак. Шоферот на автобусот се обиде да го избегне судирот, но автомобилот удри во нас. Ги затворив очите и видов потоа црвена кола („фиат“ н.з.). Белата кола одеше директно во нас. Шоферот н` спаси, сакаше да избегне директен судир. Во автобусот имаше 35 луѓе, имаше паника и страв – вели таа.

Инаку, според Обвинителството, возачот од Србија се товари дека возел пребрзо со „аудито“ и се обидел да престигне друго возило на полна линија, по што од другата страна се судрил со струмичкиот автобус, кој исто така возел пребрзо и непрописно. На крајот автобусот преминал на спротивната лента и удрил во возилото на семејството Пакиќ. Тие биле невини жртви во целата несреќа, бидејќи единствено нивното возило се движело прописно. Двајцата возачи се товарат за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 ст. 4 во врска со чл.2 97 ст. 3 од Kривичниот законик.

– Во обид да избегне директен судир со првообвинетиот, возачот на автобусот најпрвин го насочил автобусот кон десно и подзапрел. Откако забележал дека првообвинетиот не се враќа во својата коловозна лента, истиот забрзал и го насочил автобусот кон лево, при што сепак дошло до судир меѓу двете возила – велат од Обвинителството. По ударот возилото „ауди“ се изротирало и удрило во бетонски рабник покрај патот. Во критичниот момент, автобусот не успеал да се врати во својата коловозна лента ниту да запре и удрил во возилото на семејството Пакиќ, кое прописно се движело по патот.

На вчерашното судење беше презентирано и вештачењето што обвинетиот Србин и адвокатот го оспоруваа.

Инаку обвинетиот Стефановиќ потекнува од местото Kучево во Србија, а привремено живеел во Германија. Тој сега е во притвор во Гевгелија, а неговата сопруга, која била исто така повредена во несреќата, била пренесена на лекување во Германија. Возачот на автобусот е во куќен притвор. Судењето продолжува в среда.

Седумгодишното дете, кое ја преживеа несреќата, пред неполн ден имало тешка операција по која состојбата с` уште му е тешка.

Малолетникот закрепнал по несреќата и бил пуштен дома, но поради повреда што не била детектирана бил вратен на итна операција, која била извршена завчера. Тетката на детето во текот на судската постапка вели дека животот им се претворил во голгота да го спасат детето.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1