Средношколците по трет пат маршираа во Скопје против, како што велат лошите реформи во образованието.
„Не си го реформирај министре образованието, затоа мама не ме праќа на школо“, „Професори, учениците ви одржаа час“, „Не ни го уништувајте образованието“, „Лоши реформи“, „Средношколец не е еднакво на бел глушец“, „Министре од нас ли се плашите?“, беа само дел од транспарентите кои ги носеа средношколците на маршот, кој беше најмасовен до сега, а на него беа присутни и студентите, кои им дадоа подршка.
Средношколците бараат да полагаат државна матура според стариот концепт и шест месеци да биде ставен во мирување законот за екстерното тестирање.
Средношколците во Охрид денеска по втор пат излегоа низ улиците на градот. Тие преку овој протест го искажаа незадоволството од, како што велат, лошите реформи во образованието. Средношколците беа револтирани и од односот на министерот за образование Адеми чиј приоритет, како што нагласија треба да биде образованието.
Јавно се обраќаме до министерството за образование дека инсистираме на средба со претставници од средношколскиот пленум на кој ќе се оствари дијалог за барањата доставени од овој пленум. Долго време сме игнорирани и нема да дозволиме тоа да се случува во иднина. Нашите стремежи не се ништо комплицирано, само една обична средба на која ќе има можност да се најде средина прифатлива и за нас како средношколци, и за министерството како надлежност за образованието. Апелираме за поддршка до сите оние кои на каков било начин се сложуваат со нашата борба бидејќи овие реформи не важат само за нас, туку за сите оние кои директно или индиректно се вклучени во образовниот систем – рекоа од Средношколскиот Пленум во Охрид.