Цариниците на Граничниот премин „Вршка Чука“, на српско-бугарската граница биле шокирани кога и се обратиле на постара жена која седела во автомобил, а потоа сфатиле дека таа е мртва. Синот на покојната само се удрил по челото затоа што не му успеал планот, пренесуваат српските медиуми.
„Немаше колони возила. На граничниот премин полека му се приближуваше најмодерен, скап, црн џип со бугарски регистрации. Потоа сфативме дека веројатно возел бавно, за мртвото тело да не се измести од положбата во која го наместил на задното седиште“, велат цариниците.
Бугаринот од Австрија ја возел својата мајка дома, во место близу Видин, околу 40 километри оддалечено од границата. Жената била стара, родена 1937 година и болна.
„Нејзиниот син знаел дека не смее да се пренесува покојник со сопствено возило, туку дека според законот мора да се користи возило за специјални намени. За да ги избегне законските перипетии околу потребната документација, а и трошоците кои се високи за таа намена, решил да ги измами цариниците“, велат надлежните.
Но, српските цариници, кои имаат искуство со вакви случаи, не дозволиле да бидат измамени и забележале дека нешто не е во ред.
На цариниците им било сомнително однесувањето на возачот, кој ги „кршел“ прстите во обид да ја забрза пасошката контрола и целиот бил во грч. Цариниците најпрво помислиле дека шверцува недозволена стока, а на крај памет не им било дека ја носи мртвата мајка.
Кога цариниците ја отвориле задната врата на возилото, Бугаринот им објаснил дека тоа му е мајка и дека цврсто спие да не ја будт. Тој ја врзал со појас во седечка положба.
Лекар ја прегледал жената и утврдил дека смртта настанала некаде кај Параќин. Бугаринот се обратил потоа во бугарскиот конзулат во Србија, издадени му се потребните документи, а ангажирал и фирма за превоз на телото.