Целава измината недела скопјани се принудени да дишат високо ниво на канцерогени ПМ 10 честички. Само во изминатото деноноќие нивото на загаденост ја надминуваше граничната вредност на загадување во сите скопски општини. Поразителни се податоците со кои излезе Министерството за животна средина за тоа дека скопјани речиси секој ден во изминативе 10 месеци дишеле воздух загаден високо над дозволените максимални вредности. Отровен воздух, наместо кислород, жителите на главниот град дишеле меѓу 79 и 139 денови.
Податоците на Министерството за животна средина покажуваат дека најмногу, или 139 денови, загаден воздух и концентрација на ПМ10 честичките во воздухот имало во Гази Баба, кај Ректорат 135, Лисиче 101, Карпош 92 и Центар 79 денови.
Инаку, максимално дозволените концентрации се 50 микрограми на кубен метар, а концентрациите во зимските месеци достигнувале и над 500 микрограми на метар кубен. ПМ 10 честичките се канцерогени и причина за болести и смртност на до 30 проценти од населението.
Последните објавени податоци покажуваат дека загадувањето на воздухот е причина за разболување на 30 проценти од жителите на главниот град, а тоа е и причина за смрт на 20 до 30 проценти од населението.
Налепници за автомобилите според тоа колку загадуваат
Во обид да се изнајде соодветно решение за намалување на загаденоста на воздухот, Градот Скопје заедно со МВР иницира законски измени со кои при техничкиот преглед на возилата, секое возило ќе може еколошки да се мапира и ќе добие налепница.
Потоа, градските власти ќе можат административно да ги исклучуваат возилата што реално придонесуваат за загадување на воздухот.
– Очекувам дека тоа ќе можеме да го сработиме и во законска форма и дека до крајот на годината ќе помине во Собранието на Република Македонија. До крајот на другата година би можеле да ги имаме мапирано возилата, во еколошка смисла, на територија на цела држава. И така административно да го забрануваме сообраќајот за возилата загадувачи – рече градскиот татко, Петре Шилегов.
Тој појасни дека нема да има дополнителни финансиски импликации врз буџетот на граѓаните, бидејќи и така секој граѓанин врши технички преглед во текот на годината. Разликата, како што рече, е што при мерење на издувните гасови, што некаде се спроведува, а некаде не, ќе може да се категоризира возилото, каква и колкава количина издувни гасови има и согласно тоа да се мапира во еколошка смисла.
Шилегов потенцира дека ова е само идеја и треба да се доработи. Секое возило би требало да добие соодветна боја на налепница како постојните што ги има при регистрација на возилата.
– И потоа, како градоначалник, да можам административно да забранам движење на возила со црвена, жолта или со зелена налепница, во зависност како ќе бидат категоризирани. Правиме анализа на категоризација на возилата по издувни гасови, согласно правилата на ЕУ – рече Шилегов.
Тој најави дека, како што ќе се зголемува загадувањето на воздухот, така ќе се воведе скалесто зголемување на цената на паркирање, а ќе има намалување на цената на јавниот градски превоз. Според Шилегов, на тој начин ќе се стимулираат граѓаните да го користат јавниот превоз за да не плаќаат поскап паркинг.
Во врска со греењето, градоначалникот на Град Скопје рече дека тоа среднорочно ќе се реши со гасификацијата која, како што рече, веќе ја ветил. Планирано е во следниот период да почнат разговори и преговори со операторот кој го користи централниот систем со цел да се овозможи евентуално намалување на цената на парното греење и стимулирање за приклучување на што повеќе домаќинства, од оние кои се откажале или никогаш не биле приклучени.
Зелени градини за почист воздух во Центар
Општина Центар ја разгледува можноста за поскапување на паркинг-картата за, како што велат, на тој начин да ги стимулираат граѓаните да го користат јавниот градски превоз, со што значително ќе се намали загадувањето. За донесување на ваквата одлука која нема да важи за жителите на Општина Центар, ниту пак за оние кои работат во централното градско подрачје, се разговарало на средбата помеѓу градоначалникот Саша Богдановиќ и в.д. директорот на ПОЦ, Вангел Андрески.
Од Општина Центар информираат дека помеѓу активностите што се планира да се преземат на краток рок, со цел намалување на загадувањето, се и забрана за градење во овие месеци кои се сметаат за најкритични, изградба на вертикални зелени градини и на кула за прочистување на воздухот.
(Текстот е објавен во „Слободен печат“)