Општината Македонски Брод во потрага по лек за белата чума заедно со битолското здружение за склучување бракови планира да донесе моми од Русија за поречките ергени, пишува порталот МКД.мк.
Ваквото посредување, како што велат во општината, ќе помогне ергените да си ја најдат среќата и во новоформираните брачни заедници да се зголеми наталитетот во оваа македонска општина со 51 село и вкупно 7.141 жител. Последните податоци велат дека од лани до сега во општината Македонски Брод се родиле 42 деца, а умреле 98 жители.
Градоначалникот Милосим Војнески вели дека во општината Македонски Брод има околу 200 ергени на возраст од 30 до педесет години. Има и постари ергени, ама тие не се на списокот за невести. Или како што велат поречани во „нашиов забатален крај овие, шеесетгодишните ергени ни ѓавол не може да ги ожени, а не пак градоначалникот да им биде стројник“.
„Во соработка со здружението од Битола планираме да учествуваме во организацијата на средбите на невестите што тие ќе ги донесат од Русија со нашите ергени. Ќе го финансираме превозот се со цел да им помогнеме на овдешните ергени. Јас и пограничните средби со градоначалниците, како што беше неодамна во Корча, Албанија ги користам за да се воспостави соработка која би овозможила средби на моми од Албанија со ергени од општината Македонски Брод“, вели градоначалникот Војнески и додава дека околу 68 невести од Албанија во изминативе десетина години колку што се во брак со поречките ергени родиле 192 деца.
Повеќе на МКД.мк