Прашината што се дигна околу најавениот тест на знаењето на студендтите во Македонија не стивнува. Нови предлози и измени постојано доаѓаат до ушите на јавноста. Последниот таков предлог од страна на министерот за образование Абдилаќим Адеми претпоставува студентите кои нема да го положат дрќавниот испит од 3 пати, четвртиот пат сами да си платат за истиот.
Имено, министерот Адеми на вчерашната средба со новинарите објасни дека нивни предлог е секој студент што нема да успее да го положи државниот испит повеќе од трипати за четвртиот да плати 100 денари.
– Ако некој студент не може да го положи државниот испит и петти пат, ќе плати 1.000 денари, ако полага шести пат, 3.000 денари и така с` додека не дојде сумата од 12.000 денари. Но, се разбира, ова е само предлог и ако има потреба, ќе се прават разни измени. Полагањето засега е замислено да се одвива во некоја од просториите на државните институции, како Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар. Се предлага за полагањето да биде одговорен Одборот за акредитации. Полагањето ќе биде компјутерско, а студентот, кога ќе ги наведе предметите што ги полагал на факултетот, ќе одговара по пет прашања од тие предмети. Секако, не станува збор за тешки прашања, туку ќе бидат лесни и ќе бидат дел од испитите што ги полагал – појасни министерот Адеми.
Тој додаде дека до крајот на годината ќе се знаат многу детали за овој предлог, имено, ќе има и јавна расправа и ќе се одлучи дали ќе стане дел од Законот за високото образование или поинаку ќе се уреди.
Предлогот на Владата е студентите државен испит да полагаат двапати, еднаш кон крајот на втора година и еднаш кон крајот на четврта година од студиите. Предлогот важи за сите студентите и на приватните и на државните универзитети, сите што сакаат факултетска диплома ќе треба да полагаат државен испит.
Министерот Адеми очекува на овој начин да се воведе контрола во знаењето на идните академски граѓани во земјава, дипломите добиени и на државните и на приватните универзитети ќе имаат иста тежина.
Доколку студентите не ги положат испитите, нема да може да го продолжат школувањето и да земат диплома.
– Сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми со кои диплома ќе добиваат само оние што заслужиле. Високото образование не смее да се сфати како бизнис, туку како наука – изјави Адеми.
Тој додаде дека ќе се формира посебно тело кое ќе го спроведува испитот, но с` уште не се знае кој ќе го спроведува, не ја исклучува можноста тоа да го прави Државниот испитен центар.
Тој смета дека намерите се добри, но, секако, нема да се спроведат с` додека не се направи широка дебата, во која ќе бидат вклучени и студентите.
Ако се донесе законот, тој ќе важи за студентите кои во иднина ќе се запишат на факултет, а првпат ќе се примени во 2017 година.
KОНЕЧНИОТ ПРЕДЛОГ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ЗА НОВА ГОДИНА
Министерот за образование Адеми појасни дека нема шанса да се премисли за државниот испит и дека до Нова година ќе биде готов конкретниот предлог како ќе се спроведува. Потоа предлогот ќе биде ставен на јавна расправа која ќе трае најмалку три недели.
Тој напомена дека гаранција за успешноста на испитот ќе бидат 23 членови на Одборот за акредитација, кои, меѓу другото, ќе бидат предложени од МАНУ.
Тој додаде дека како модел за државен испит е земен примерот од неколку европски земји, како што се Чешка, Полска, Германија и Унгарија.
Dnevnik