Студирав, учев јазици, компјутери – а работам на лента во фабрика – еве како ми е


Овој текст од A.A кружи на социјалните мрежи и мора сите да го прочитаме. А.А се иницијалите на профилот на оваа жена каде е објавен следниот пост кој ви го пренесуваме во целост. Во надеж дека некој од надлежните ќе прочита и ќе стави крај на ова робовладетелско однесување на газдите и нехумано малтретирање на работниците.

„Кога студирав, се замислував дека ќе работам многу работи, но никогаш не се замислував дека ќе завршам во фабрика, како обичен работник. Но и тоа го доживеав, и траеше таа голгота 7 месеци.

fabrika radnici mk

Кога прв пат влегов во огромните хали на фабриката, се исплашив за себе, бидејќи воздухот внатре беше загушлив, тежок, мирис на пластика, нешто слично како кога влегувате во кинескиве продавници кои продаваат евтина роба со сомнителен квалитет. Се исплашив како ќе работам внатре, и онака имам проблем со дишењето… Но се навикна организмов, и по кусо време не правев разлика.

Се работи во три смени, и во сите три се работи под вештачка светлина – неонка. Природна светлина не допира, ниту имате видик на надворешниот свет. 8,5 часа ви се пере мозокот со видик од кабли, бучни машини и нервозни работници. Се замајува свеста по некое време од хаотични дразби, бука и нетолеранција. А што значи да работите со месеци под неонско светло – ќе ви кажат очните доктори по некое време.

Пауза – 2 пати по 5 минути, кои не ви значат многу-многу, бидејќи додека излезете да фатите воздух, треба да тргнете назад. Ако сте подалеку од вратата кон надворешниот свет, по пат трошите 2-3 минути, значи 2 минути пауза на воздух и цигарче ако ви се пуши. Мислам дека во затвор добиваат повеќе воздух од ова. Пауза за јадење – 20 минути. Повторно, одење до кантината, миење раце (ако има сапун, ако нема гужва), чекање во ред, враќање до местото за работа – 5-10 минути, зависно. Значи дување во жешката храна и џвакање од 10-15 минути. Притоа, ова се смета за среќно време. Неретко остануваат помалку од десет минути за јадење. Дека ве нарекуваат мрзлив работник, дека ве нарекуваат неспособен, дека требало да се иде сабота, ако не надвор од работа – тоа некако не се сметало за мобинг. Којзнае, можеби тоа им е политика за мотивирање на работниците.

И на крај, најтешко им е на оние кои работат на лента, оти лентата се врти на 3-4 минути, а вие немате право на пауза, на одмор, на воздишка, да си ја избришете потта и слично. Ако ве видат на мобилен, тешко вас – без разлика дали дома сте оставиле мало дете, болен партнер или слично. Во секоја работа и закон има дупки. Така и овде оние поитрите ги наоѓаат и ги користат. И со право. Во ваква работа дури се пожелни и поголеми дупки оти работата е физички ненормално тешка, како спрегнати волови на нива ги третираат вработените.

И да, лани ова време работев таму и не ни дозволуваа клима, ниту да ја соблечеме униформата од која ви се топи и салото. Дали патите од притисок, дали белите дробови ви бараат повеќе кислород, дали имате потреба од шеќер во крвта или пауза за вбризгување инсулин – НЕ ги интересира. Имаат лекар 24/7, но прашајте кои услуги ги пружаат и кои лекови им се при рака за брза интервенција. И за надомест на трудот на оние кои им носат милијарди на орвеловите свињи на фармата од ДМ им се фрлаат не трошки, ами тровчиња – 12-15 000 денари на плата зависно дали сте ги оделе саботите, неделите и празниците.

Не можев да го дочитам текстов [за смртта во Дрекслмајер], а овој пат како дипломиран демек академски граѓанин стравувам да не завршам повторно на такво место. Оти не котирам добро онаму каде што вработуваат…“

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1