Апелацискиот суд во Хаг денеска пресуди дека Холандија е „делумно одговорна“ за смртта на околу 300 Бошњаци, кои војници од холандскиот контингент на ОН ги протерале од базата на мировниците на Светската организација во близина на Сребреница, откако градот беше заземен од силите на босанските Срби во 1995 година.
Со ваквата одлука се потврдува пресудата на Окружниот суд во Хаг од пред три години, според која, холандските мировници требало да ги заштитат 300-те Бошњаци засолнети во базата. а не да им ги предадат на силите на босанските Срби.
Според пресудата, холандските мировници „можеле да знаат“ дека силите на босанските Срби ќе ги убијат мажите кои побарале засолниште во базата во селото Поточари, доколку бидат принудени да ја напуштат.
Ваквата судска одлука претставува исклучок, од причина што припадниците на силите на ОН уживаат имунитет од казнено гонење за своите постапки.
Холандските медиуми оценуваат дека овој случај е единствен по својата природа, бидејќи држава што учествува во мировна мисија на ОН е прогласена за одговорна за своите постапки.
Жалбата по која денеска решаваше Апелацискиот суд во Хаг ја поднесе организацијата „Мајки на Сребреница“, која ги претставува интересите на жените чии сопрузи и синови беа меѓу околу осумте илјади мажи и момчиња убиени од страна на силите на босанските Срби при масакрот во овој босански град во јули 1995 година.
Покрај овој судски процес, тужба против Владата на Холандија најавија и 206 холандски миротворци од мисијата на ОН во БиХ, кои ќе бараат исплата на надомест за „штетните последици што ги трпат“ во врска со овој случај.