Пред девет века на Виргино брдо, над реката Серава, спроти средновековно Скопје, или Калето како што денес се нарекува тој простор, бил изграден најголемиот и најбогат манастир во овој дел на Македонија.
Според досегашните истражувања, пред девет века на Виргано брдо, над реката Серава, спроти средновековно Скопје или Калето, како што сега се нарекува тој простор, бил изграден најголемиот и најбогат манастир во овој дел на Македонија. Манастирот бил посветеи на Свети Ѓорѓи-Скороподвижник и бил познат во цела Византија. Инаку, како што може да се утврди од зачуваните грамоти во Хиландар, овој исклучително значаен манастир бил изграден во времето на цар Самуил, но секој нареден владетел на овој дел од Македонија редовно му ги потврдувал привелигиите и имотите. Така, кога во 1040 г. македонските востаници го зазеле градот Скопје, нивниот водач Петар Делјан ги потврдил овластувањата на Виргинскиот манастир, кои биле определени од византискиот император Роман Трети Аргир, кој се смета за негав ктитор. За жал, по околу 400 години и по огромниот углед меѓу христијанското население, на 27 априп 1428 г, во времето на Мурат-бег, Османлиите го разурнале манастирот, а осум години подоцна, токму врз неговите темели, била изградена Султан-Муратовата џамија. Прифаќањето на тој податок, навестен од Васил К’нчов уште во 1898, а подоцна, во 1968 г, потврден и образложен во два наврата и од Константин Петров во Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, ја разрешува дилемата околу локацијата на некогашниот прочуен манастир ‘Свети Ѓорѓи- Скороподвижник’.
Манастирот бил посветен на Свети Ѓорѓи Скороподвижник, а бил подигнат во времето на цар Самуил. Секој нареден владетел на овој дел од Македонија потоа му ги потврдувал привилегиите и имотите. Така, кога во 1040 година македонските востаници го зазеле градот Скопје, нивниот водач Петар Делјан ги потврдил овластувањата на Виргинскиот манастир, кои биле определени од императорот Роман Трети Аргир, ктитор на манастирот. За жал, по околу 400 години, и по огромнниот углед меѓу христијанското население, на 27 април 1428 година, во времето на Мурат-бег, османлиите го разурнале манастирот, а осум години подоцна, токму врз неговите темели, била изградена Султан-Муратовата џамија. Прифаќањето на тој податок, навестен од Васил К’нчов уште во 1898, а подоцна, во 1968–та година, прифатен и образложен во два наврати и од Константин Петров во Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, се чини конечно ја разрешува дилемата околу локацијата на некогашниот прочуен манастир „Свети Ѓорѓи –Скороподвижник“.
Голем духовен и скрипторски центар!
Според проф. д-р Илија Велев, кој со години ги истражува македонските манастири како духовни и културни центри, особено оние кои биле значајни скипторски и книжевни центри, Виргинскиот манастир бил еден од најзнајните во тој поглед на територијата на цела Македонија.
– Економската благосостојба на овој манастир придонела тој да располага со бројно монаштво, а во неговото братство се наоѓале грамотни и високопросветени монаси, со чија дејност манастирот прераснал во голем духовен и скрипторски центар на Балканот. Манастирот располагал со богата библиотека од ракописни книги, но и даровни грамоти на многу владетели. За жал, поради судбината што ја доживеал со доаѓањето на Турците, сега на истражувачите им е оневозможено да идентификуваат барем дел од целото книжевно наследство на овој скрипторски центар и да претстават некои од позначајните книжевни дејци. Најверојатно голем дел од книжевното наследство од манастирската библиотека на Виргинскиот манастир било уништено, а само мал дел бил разнесен во други манастири.
Сепак, исклучително значајната книжевна традиција на овој скрипториум може да се реконструира според сочуваните преписи на владетелските грамоти наменети на овој манастир. Документите потврдуваат дека Виргинскиот манастир бил значаен духовен центар во Скопската епархија, а владетелите инсистирале токму таму да се препишуваат даровните грамоти. Ваквиот углед на манастирот доаѓа и од тоа што во него престојувале книжевници со висока духовна, просветна, грамотна и правна култура. Секоја оригинална грамота морала да има свечени копии за покажување пред даночни, судски и други органи. Самата владетелска канцеларија нарачувала копии за себе, за манастирот и за патријаршијата токму во Виргинскиот манастир, вели д-р Велев.
Прекрасната локација каде што бил изграден манастирот веројатно била една од причините Турците да го урнат целиот комплекс штом стапнале во Македонија, а веднаш потоа на негово место да изградат џамија посветена на тогашниот султан Мурат. Џамијата која и денес постои најверојатно врз темелите на црквата на Виргинскиот манастир сé уште е најголема џамија во Скопје. Според податоците до кои дојдовме истражувајќи ги трагите за можната локација на Виргинскиот манастир, Султан-муратова џамија во Скопје располага со околу 900 метри квадратни површина. Доколку нејзината површина се поклопува со темелите на манастирската црква на Виргинскиот манастир, може да се претпостави за каков објект станувало збор.
Имено, тоа секако била најголема црква и најголем манастирски комплекс во овој дел на Македонија. Секако делови од целиот комплекс денес би требало да има и во дворот на сегашната џамија, потоа околу Саат –кулата, но и во пониските делови на Виргино брдо. Целиот тој простор е покриен со куќи од кои голем дел се постари од стотина години. Само неколку стотина метри од Виргино брдо е комплексот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој, во одредена смисла, би можело да се каже дека е своевиден наследник на културниот и духовниот континуитет на Виргинскиот манастир. Сепак, за жал, досега не се направени никакви археолошки обиди да се откријат барем дел од темелите на некогашниот прочуен манастир, за кои свои даровни грамоти издавале византиски цареви, а подоцна и српските и бугарските владетели кои во одредени периоди владееле со овој дел на Македонија. Нема дури ниту информативна табла дека таму некогаш бил прочуениот Виргински манастир!
– Претворањето на манастирот во џамија во 1428–та година ја замрела богатата книжевна дејност на овој културен и духовен центар на Македонија. Инаку, првите книжевни пројави во Виргинскиот манастир треба да се поврзуваат со 11-ти век, кога тој бил изграден, а подоцна и обновен. Во тогашниот скрипториум, каде што се препишувале богослужбени и проповедни книги, се напишале и првите даровни грамоти на основачот – царот Роман Трети–Аргир, но и на царот Алексеј Комнин, кој го обновил манастирот. Во Виргинската грамота на Константин Асен –Тих стои дека тогашниот игумен на манастирот Варлаам ги дал на увид претходните даровни грамоти што се чувале во трезорите на библиотеката. Исто така и Виргинската грамота на крал Милутин била напишана според претходно сочувани правни споменици за манастирот, како што потврува во своето истражување и професор Владимир Мошин. Овие две грамоти, заедно со онаа на феудалниот господар Вук Бранковиќ, кој во еден период исто така владеел со овој дел на Македонија, денес се чуваат во Хиландар. Досегашните научни сознанија за грамотите на манастирот ја илустрираат сликата за исчезнувањето на нивните оригинали и на преписите што се чувале во манастирската библиотека, смета д-р Велев.
Средовековни гравури со манастирот на Виргино брдо!
Според она што досега се знае за Виргинскиот манастир може да се потврди дека станува збор за многу значаен македонски духовен центар, за кој свои даровни грамоти потпишале повеќемина тогашни цареви, кралеви и други владетели. И денес може да се види дека просторот каде што бил подигнат манастирот е исклучително убав, затоа што оттаму се пружа глетка кон сите страни на скопската котлина. Брдото се наоѓа наспроти тврдината Кале, а на неколку стари гравури и цртежи може да се види дека токму на местото на денешната Султан – Муратова џамија стои манастирски комплекс со конаци, камбанарија, црква и други придружни објекти, меѓу кои секако треба да биде и библиотеката, како и зградата каде што работеле тогашните книжевници и препишувачи.
По уривањето на целиот манастирски комплекс и подигнувањето на џамијата на негово место, во дворот на џамијата била изградена и импозантна саат-кула, со часовници кои можеле да се видат од сите четири страни на Виргино брдо. При нашата обиколка на тој дел од Скопје домарот на џамијата ни објаснуваше дека до Втората светска во празните места на врвот од Саат–кулата имало златни часовници, кои биле однесени од Бугарите при повлекувањето од Македонија. Иако се обидовме да добиеме некаква информација и за тој настан, докази за тоа не успеавме да најдеме. Од друга страна, се разбира аматерски, забележавме дека при копањето за инсталации во џамијата, биле откриени стари камени блокови, кои потсетуваат на оние што се вградени во црквите од тој период, како што се камените блокови на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези.
Камените остатоци, кои може да се и од темели на некој од објектите на Виргинскиот манастир, за време на нашата посета на џамијата, сé уште стоеја во еден дел од дворот. Може да се претпостави дека доколку продолжат ископувањата околу џамијата веројатно ќе се откријат и други археолошки предмети кои би можеле со сигурност да ја потврдат тезата дека токму под Султан-Муратовата џамија во Скопје се наоѓа големиот и многу значаен манастир „Свети Ѓорѓи – Скороподвижник“, кој речиси шестотини години е обвиткан со мистерии, почнувајќи од тоа каде би можел да се наоѓа, па завршувајќи со податокот дали некаде во затрупаните манастирски трезори под земја допрва може да се пронајдат дел од скапоцените книги и други предмети битни за историјата на Македонија.
– Според грамотата на крал Милутин може да се констатира дека овој српски освојувач манастирот го затекнал во многу лоша состојба, па веднаш по освојувањето на Скопје наредил негово обновување. Паралелно со тоа извршил и реорганизација на манастирот со цел да го претвори во репрезентативен духовен и културен центар на својата нова престолнина. За таа цел формирал тричлена комисија за да ги среди поранешните манастирски правни документи со дарувањата на постарите владетели. Во комисијата работеле студеничкиот игумен Сава, кралскиот властелин Никола Опареша и манастирскиот ѓак Дабиша, кој како опитен книжевник ја пишувал Веригинската грамота од 1300-та година. Составот на комисијата одговарал на рангот на кралски манастир, каков што статус имал Виргинскиот храм „Свети Ѓорѓи“. Истиот крал-освојувач со посебна грамота го реконструирал имотот на манастирот и ги определил неговите правила. За жал, неговите наследници, кои исто така како освојувачи владееле со овој дел на Македонија, го ослабнале кралскиот статус на манастирот, па кон крајот на 14-век Виргинскиот манастир станал метох на Светогорскиот манастир Хиландар, и служел како преноќиште на хиландарските монаси кои доаѓале во Скопје. Во тоа време манастирот го изгубил високиот ранг, а останал целосно и без своето огромно богатство. Во грамотата на Вук Бранковиќ, пак, било определено половина од приходот да останува во Виргинскиот манастир, а другата половина да ја зема Хиландарскиот манастир на Света Гора. Потоа, како што може да се види од еден Богослужбен зборник од крајот на 14 век, кој денес се чува во таканаречената Хлудова збирка во Москва, „на ден 27 април 1428 година Турците до темел го уриваат Виргинскиот манастир“.
Во 1436 година најверојатно токму врз темелите на манастирската црква била изградена Султан – Муратовата џамија. Каква судбина доживеале скапоцените ракописни книги од богатата библиотека не се знае, но и таа мора да била слична со онаа што ја доживеал манастирот. Поголемиот број од ракописниот фонд со кој располагал манастирот бил пишуван во неговиот скрипториум и од рацете на тамошните монаси – книжевници. Може да се претпостави дека најголем дел од книжевното наследство било уништено од Турците при разурнувањето на манастирот, а само мал дел бил навреме однесен во други манастири. Трагедијата што се случила со уништувањето на Виргинскиот манастир делумно ја избледува историската слика за него како значаен духовен и книжевен центар во Скопската епархија, каде што книжевната дејност ја поддржувале и самите владетели, вели д-р Илија Велев од Институтот за литература во Скопје.
И во последните години од своето постоење, Виргинскиот манастир ја негувал книжевната дејност во својот скипториум, но, се разбира, не со тој интензитет како порано. Окупирањето на манастирот од страна на Турците и претворањето во џамија, сосема ја угасиле повеќевековната книжевна традиција, а целокупното книжевно богатство било разнесено и уништено. Во маалото изградено низ вековите на манастирскиот имот, денес живее етнички и верски мешано население, кое сепак сé уште доминантно е христијанско, а во близина нема црква, освен импровизираната барака на булеварот „Крсте Петков –Мисирков“. Можеби во дел од дворот на сегашната Султан-Муратова џамија, доколку се потврди дека токму тука бил Виргинскиот манастир, може да се изгради црква во спомен на славните времиња на манастирот „Свети Ѓорѓи Скороподвижник“, па во духот на сожителството на истото некогаш свето брдо денес би можеле едните да се молат на Алах, а другите на Бог.
Претходно, се разбира, треба да се изврши археолошко сондирање на теренот а во ископувањата можат да учествуваат дури и археолози од Албанија, како странски експерти, кои ќе им помогнат на своите колеги од Македонија. Сé што ќе се пронајде, ако се пронајде, ќе биде дел од заедничкото духовно и културно наследство на сите што денес живеат во овој дел на Балканот, како што порано биле дел од историјата на просторот што го освојувале и населувале разни владетели и цивилизации.
Во манастирот работеле најдобрите книжевници на средновековна Македонија!
Меѓу бројното монаштво на Виргинскиот манастир кое работело на препишување книги во манастирскиот скрипториум, посебно место секако зазема Дијак Дабиша, познат книжевник од преминот меѓу 13. и 14-ти век. Со самото основање на манастирот на Виргино Брдо, на најубавото брдо наспроти тогашното средновековно Скопје, монасите организирале скриториум кој набрзо бил познат во цела Византија. Покрај тоа што ги препишувале нужните богослужбени и проповедни книги, тука биле напишани и првите даровни грамоти (повелби) на царот-основач на манастирот – Роман Трети Аргир, но и на обновувачот на истиот манстор, царот Алексеј Комнен.
Скрипторската дејност во овој книжевен центар ја стимулирале самите владетели-завојувачи, а во Виргинскиот манастир престојувале опитни книжевници со висока духовна, проветна, грамотна и правна култура. Еден од нив е и Дијак Дабиша, книжевник и пишувач на познатата Виргинска грамота од 1300 година. Според сопствениот потпис во текстот, некои истражувачи сметаат дека Дабиша бил дворски писател, но бидејќи е потпишан како дијак – тој секако служел во манастирското братство. Познатата Виргинска грамота што ја пишувал тој е сочувана во два подоцнежни преписа кои денес се чуваат во Хиландарскиот манастир. Тоа се два пергаментни листа напишани независно еден од друг. Првиот е од средината на 14-ти век, а вториот од втората половина на истито век. Исто така, не е спорно дека Дијак Дабиша препишал повеќе ракописи во Виргинскиот манастир, но тие најверојатно исчезнале при уривањето на манастирот или пак некои од нив сé уште чекаат да бидат идентификувани, смета д-р Илија Велев, поддржувајќи ја тезата дека во Виргинскиот манастир, врз чии темели во 1436-та година најверојатно била изградена Султан-Муратовата џамија во Скопје, живееле и работеле најугледните и најпочитувани книжевници на средновековна Македонија.
Блаже Миневски за МИА