Сите 236 вработени во McDonalds рестораните во Македонија остануваат на своите работни места и ќе се бара решение за повторно почнување со работа, пишува економски.мк
Ова е главната порака што денеска им беше пренесена на сите вработени од страна на сопственикот на компанијата „СЈ“, Светозар Јаневски, на средбата која беше иницирана по негово барање, на која присуствуваа и претставници на менаџментот на компанијата која управува со McDonalds франшизата во Македонија.
Воедно вработените беа уверени дека компанијата продолжува со работа и покрај привременото затворање на рестораните, кое настана како последица на околности на кои компанијата „СЈ“не можеше да влијае.
– Компанијата „СЈ“, франшиза на McDonalds за Македонија од 1997-ма година, ќе продолжи да бара решение кое ќе ни овозможи повторно да ги отвориме вратите на нашите ресторани, што е можно побрзо. За таа цел, се надеваме на корисни преговори со McDonalds корпорацијата, кои ќе овозможат да продолжи функционирањето на McDonalds франшизата во што досега се инвестирани над 6 милиони евра, што секако ќе биде во интерес на потрошувачите, сите вработени и заедницата, беше констатирано на денешниот состанок наменет за информирање на сите вработени во McDonalds рестораните во Македонија за новонастаната ситуација, се вели во соопшението на компанијата.