Неговиот син Василиј тврди дека советскиот лидер бил кремиран и неговата пепел била расфрлена за да се прикријат доказите дека бил отруен, пренесува Јутарњи .
Сталин имал дури 20 двојници, а во неговиот гроб, кој се наоѓа зад мавзолејот на Ленин кај ѕидините на Кремљ, всушност лежи еден од тие двојници затоа што телото на еден од најголемите монструми на дваесеттиот век бил кремиран, се со цел да се отстранат трагите од неговото труење.
Токму ова тврдење е темата на новиот документарен филм насловен како “Нераскажаните тајни на Кремљ”, кој неодамна бил емитуван на една од руските телевизии.
Бескрупулозниот диктатор и денес, речиси 70 години по својата смрт, продолжува да привлекува внимание.
Историчарот Валериј Малован во филмот ги претставил податоците за најмалку “тројца двојници на Сталин”, кои биле користени за најразлични пригоди. Варлен Стронгин, автор на книгата за двојниците на Сталин, потврдил дека еден од нив, извесен Рашид, дури и настрадал во “фиктивен атентат”.
Другите двајца се актерот Семјон Гољдштаб и Јевсеј Лубицки. Гољдштаб се прославил со улогите на “големиот водич” на филмското платно и во театарот. Токму тој, според зборовите на Малован, бил искористен за погребот на еден од руските јавни личности, заменувајќи го Сталин поради најавите за “нов атентат”. Но, актерот, кој починал во 1971 година, никогаш не го потврдил тоа.
Сепак, најпознат двојник на Сталин наводно е Лубицки, кој по смртта на Сталин бил протеран во пустинските предели на Казахстан, каде што доживеал длабока старост.
Но, во истиот документарец дел до руските историчари ја отфрлаат теоријата за двојниците на Сталин. Така, Јуриј Жаков нагласил дека Сталин, како и секој диктатор, бил прилично параноичен и сигурно не користел двојници. Тој сакал се да има под контрола, а двојникот би можел нешто да расипе или некој да го искористи за своите цели.
“Тој никому не веруваше, па дури ни на најблиските од неговото окружување и затоа не би дозволил тие да го заменат со негов двојник”, истакнал историчарот Димитриј Лисков.
Историчарот Антолиј Уткин пак изјавил дека нема сомнеж дека Сталин имал двојници, како и голем број на други светски лидери, како на пример британскиот премиер Винстон Черчил.
Сепак, двојниците биле користени за да се измамат непријателите, особено во текот на Втората светска војна, или пак за лидерите да бидат заменети, при некои досадни протоколарни должности, како што е на пример неколкучасовното стоење на студот на Црвениот плоштад во текот на најразличните паради.
“Приказната дека е закопан двојникот, а не вистинскиот Сталин, датира уште од средината на педесеттите години. Оваа енигма за првпат ја претстави синот на Сталин, Василиј, кој во писмото до Мао Це Тунг ги искажал своите мислења дека неговиот татко е всушност отруен и кремиран, токму за да не се потврди “овој факт””, изјавил Жаков.
Сепак, како и да е, Сталин, како некои други државници и диктатори, се уште фасцинира со својот лик и бруталното владеење, а како поминува времето, така се шири мистеријата и се побројните енигми за неговиот живот.