Додека Европската централна банка продолжува да ја снабдува Грција со пари, а лидерите на државите од еврозоната велат дека Грција нема да излезе од истата, откриен бил досега добро чуван план, дека со таканаречената “Операција Албанија”, можно е ширење на грчката криза, посебно во Македонија, Романија, Кипар и Бугарија, пишува Kurir.rs.
Тоа е внимателно направен план во случај Грција да мора да ја напушти еврозоната, што засега го негираат францускиот премиер Мануел Валс и уште некои службеници од државите и институциите во еврозоната.
Клучно е дека на Македонија, Романија, Бугарија и Кипар, во случај на излез на Грција од Еврозоната, ќе биде потребно да им се помогне да се изборат со големи финансиски проблеми, имајќи во предвид дека филијалите на грчките банки се важен составен дел од нивните финансиски системи и пазари, пишува Kurir.rs.
Европската унија, според овој резервен план, би можела да започне со национализација на филијалите на грчките банки во тие земји, со ограничување на прометот на капиталот и банкарските исплати.
Тоа засега не го сака никој, бидејќи “ширењето на заразата” би можело подоцна да ги погоди и ранливите земји од ЕУ, како што се Португалија и Шпанија. Доколку Европската централна банка престане со доставата на пари до грчката централна банка, можно е таа автоматски да ја суспендира можноста кај неа со пари да се снабдуваат комерцијалните банки.
Сите очекуваат тоа да не се случи, но тим од експерти од Европската комисија на ЕЦБ сепак, слично како во “Операција Хрватска” во 2012. година, сега подготвил “Операција Албанија”, со главна цел да се спречи стравот и неконтролираното движење на пазарите и берзата, како во некои претходни случаи на почетокот на кризата во еврозоната.
Џерун Дејселблум, претседател на Еврогрупата, која ги собира министите за финансии од државите во еврозоната, лидерите на ЕЦБ и Европската комисија, соопштил дека “Европа е подготвена да ѝ помогне на Грција да го одржи финансискиот систем”, иако во врска со договорот меѓу Грција и нејзините кредитори во недела ќе биде одржан референдум.
Европската централна банка сега тука има клучна улога и, покрај другите, францускиот премиер Валс рекол дека е убеден дека оваа банка ќе продолжи со дополнителни средства да ѝ помага на грчката централна банка, а со тоа и на комерцијалните банки од кои се повлечени милијарди евра залог, пишува српски Kurir.
Претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, изјавил дека ќе направи “сè што треба”, а посебно ќе продолжи со откуп на државните долгови на членките од еврозоната, за да се спречат нападите на финансиските шпекуланти, што било погубно во првите фази од кризата во еврозоната, посебно во 2010. година.
Италијанскиот министер за финансии, Карло Падоан, изјавил дека Грција нема да го напушти еврото, а потпретседателот на Европската комисија задолжен за еврото, Валдис Домбровски, јасно дал до знаење дека “Грција останува во еврозоната”.
Tocka.com.mk