Тајните симптоми на стресот


Современиот начин на живот не поштедува никој од појавата на стрес. Стресот е нормална појава и телото може без проблем да се справи со него. Но, кога секојдневно сте изложени на голем стрес, вашето тело може да ја изгуби битката и да започне да страда од последиците.Еве неколку тајни симптоми кои ќе ви потскажат дека сте изложени на многу повеќе стрес отколку што си мислите.

Болки во вилицата, крварење на непцата

Многу луѓе кога се вознемирени или под стрес чкрипат со забите во сонот, т.е. покажуваат симптоми на бруксизам. Ваквата состојба се влошува со зголемувањето на нивото на стрес и може да предизвика болки во вилицата.

Во периоди на стрес можно е да се појави и крварење или болки во непцата. Тоа е така затоа што стресот го намалува имунитетот и телото потешко се бори против бактериите коишто се наталожуваат околу непцата, па како резултат на тоа се појавуваат инфекции, крварење или болка.

Акни, чешање и премногу сува кожа

Стресот влијае на секој орган во нашето тело, а кога веќе знаеме дека кожата е најголемиот видлив орган, нормално е да очекуваме дека последиците од стресот ќе се појават и врз неа.

Научниците сметаат дека чешањето е еден од првите физички симптоми на стресот. Понекогаш чешањето е резултат на алергиска реакција на кожата, но често се случува без некоја особена причина.

Ако страдате од сува кожа (егзема или псоријаза) или пак сте склони кон појава на акни, кога сте под стрес состојбата се влошува. Ова се случува затоа што кога телото е под стрес, заедно со кортизол и адреналин произведува и поголемо количество андрогени, коишто од своја страна го стимулираат лачењето на себум, а себумот ја поттикнува појавата на акни.

Исто така, стресот го забавува процесот на зараснување на раните и акните. Доколку забележите дека акните тешко исчезнуваат, тоа може да биде добар знак дека се резултат на стрес.

Проблеми со стомакот

Изложеноста на стрес може да предизвика флуктуации во количините на киселини кои се лачат во стомакот, гасови и мускулни спазми. Тоа може да резултира со дијареја, болки во стомакот или запек (опстипација).

Истражување со учество на скоро 2000 мажи и жени покажало дека оние кои доживувале највисоко ниво на стрес биле тројно посклони кон појава на болки во стомакот, во споредба со оние кои биле опуштени.

Желба за консумирање на слатка или мрсна храна

жените честопати го обвинуваaт месечниот циклус за појавата на желба за консумирање на слатка храна. Но, вистината е дека таквиот копнеж по чоколадо многу поверојатно е резултат на присуството на стрес.

Истражувачите откриле дека постои многу мала разлика помеѓу желбата за слатка храна кај жените кои се пред и жените кои веќе го поминале периодот на менопаузата, па сметаат дека најверојатно стресот е виновник за копнежот по чоколадо. Тоа е така затоа што кога телото е изложено на стрес, се активира желбата за внесување на јаглехидрати. Некои пак се обидуваат да го намалат стресот преку консумирање на мрсна брза храна.

Експертите сметаат дека луѓето се склони кон консумирање на брза или слатка храна за да се опуштат и да си го подобрат расположението, но тоа секогаш има краткотраен ефект.

Нерегуларна и болна менструација кај жените

Експертите сметаат дека менструацијата често изостанува кај жените кои се под стрес затоа што телото знае кога не е добро време за оплодување. Стресот многу лесно може да го наруши хормоналниот баланс.

Жените кои се изложени на голем стрес двојно почесто се соочуваат со болна менструација во споредба со жените кои се порелаксирани.

Главоболки за време на викенд

Стресот може да биде виновник за појавата на мигрена. На сите ни е познато тоа, па затоа може да ви звучи чудно дека намалувањето на стресот за време на викенд може да биде причина за главоболка.

Експертите веруваат дека значителното намалување на стресот може да предизвика мигрена. Главоболките во овој случај се појавуваат поради тоа што луѓето во текот на викендот ги менуваат своите навики за консумирање на кафе, будење или легнување за спиење.

Андријана Станојовска

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1