Беќир Ѓурашинац, таткото на српската државјанка Елма, која е уапсена во БиХ поради сомнеж дека е поврзана со ИСИЛ, изјавил дека веста дека неговата ќерка и зет планираат терористички напади и сакаат да војуваат во Сирија предизвикала огромен шок и неверување поради кои тој и жена му со денови не можат да прекинат да плачат.
-Се чувствувам како да ни јавиле дека ја нашле мртва. Исто е чувството. Од срам и резил занемевме. Не знам како ќе го преживееме ова и што му згрешивме на бога за нашето прекрасно дете да стане фанатик што сака да војува и да убива луѓе. Ние на тоа не ја учевме – изјавил таткото на Елма за српските медиуми.
Како што кажал неговото семејство во Бошњачкото маало во Косовска Митровица секогаш било угледно, а децата ги воспитувале да станат чесни и вредни сè додека не им се „случил овој хорор“.
Според зборовите на таткото на Елма таа го запознала вахабистот Енес Мешиќ преку „Фејсбук“. Два месеца се допишувала со него, а тогаш решила да замине од домот и да се пресели кај него во Босна каде што и склопиле брак по строги шеријатски закони.
-Тој буквално ѝ го испрал мозокот со две допишувања. Кога по подолго време отидовме кај неа да ја видиме доживеавме шок. Тоа веќе не беше нашата ќерка, ниту физички не ја препознав, ниту, пак, можев да разберам што зборува – кажал Беќир.
Нејзините родители и чичкото, кој живее во Нови Пазар инсистирале од надлежните во Србија да им помогнат и да ја вратат дома. Тие никогаш не ја поддржале за тој брак, а осбоено кога Елма ѝ се доверила на блиска пријателка дека вахабистот Енес Мешиќ планира да ја носи во Сирија. Во истиот момент семејството ја алармирало полицијата и барале по секоја цена да ја врата од БиХ.
Инаку, според оперативните податоци, Мешиќ за време на претходни заминувања во Сирија таму, најверојатно, однел уште две девојки од Косово. Најголем број од девојките што остануваат таму завршуваат како секс-робинки, а многу е мала бројката на тие што се борат се претпоставува дека и Елма ќе се најдеше во канџите на проституцијата.
Елма е уапсена заедно со сопругот, вахабист и повратник од Сирија Енес Мешиќ, кој набрзо бил пуштен. Елма вахабизмот го прифатил минатата година во џамија во Косовска Митровица. Се облекува по строги шеријатски правила. Елма на својот профил на „Фејсбук“ често споделувала статуси врзани за верата и за Алах, Ниту на една фотографија што ја објавила не се гледа ништо освен нејзините очи. Елма ќе биде протерана од БиХ и во таа земја нема да може да влезе најмалку пет години.