Научниците тврдат дека смислиле „тест на смртта“ кој ќе ви одговори дали ќе живеете во следните пет години.
Тестирањето се спроведува врз основа на примерок од крвта за да открие процентот на веројатност да се умре од различна болест, од срцево заболување до рак.
Дури и наизглед здравите луѓе со помош на овој тест можат да откријат дали се во опасност, пишува Daily Mail.
Тестот е осмислен од фински и естонски научници кои се надеваат дека со негова помош полесно ќе се откриваат болестите во ран стадиум или оние чиишто симптоми се се уште скриени.
Досега тестирале 17 илјади примероци од крв на претежно здрави лица, а потоа го следеле нивниот живот неколку години и ги споредиле примероците од крв на оние кои починале со тие на преживеаните.
На овој начин се откриени четири биомаркери кои „прогнозираат“ висок ризик за смрт во следните пет години. Сите биомаркери може да се најдат во крвта, но во овој случај битно е нивното ниво, објавува Плос Медисин. Само еден од овие маркери и претходно бил поврзуван со болестите.
„Она што е посебно интересно е дека овие биомаркери го одразуваат ризикот од смрт од широк спектар на болести. По се изгледа дека тие се знаци на генерална слабост на организмот“, рекол Јоханес Кетунен од Институтот за молекуларна медицина во Финска и додал:
„Тежнееме кон тоа да утврдиме дали постои некаков фактор кој ги поврзува тие биомаркери. Веруваме дека во иднина тоа ќе може да биде употребено за да се открие дали луѓето кои изгледаат здраво, всушност имаат болест која е во развој и како да се одреди вистинска терапија“.