Тиквешкиот маџун, кој има долга традиција на производство во најголемиот лозаровинарски регион во Македонија, „станушината“ како автохтона тиквешка сорта грозје и рачелите од тиква, ќе влезат во светската арка на вкусови на интернет-каталог.
– „Станушината“ и маџунот се она на што посебно се гордееме и за нивното производство не постои формула, постои само тајна која се пренесува од колено на колено со генерации. Од „станушина“ добрите мајстори прават извонредни вина и ракии. Ритуалот со белата земја, која се толчи, пече, се сее и со неа се третира ширата за потоа со варење да се добие маџун, е нешто што на лекот од грозје му дава уште поголема мистичност. Велат дека колку е маџунот постар, толку е и подобар. А во Тиквешко с` уште се случува при уривање стари куќи да се пронајдат скриени врчви полни со маџун, кои се криеле како најголемо наследство и како најефикасен лек за многу болести. А на слаткото од тиква, низ годините, од чалам му се додавало грозје, лешници, бадеми, оревчиња, па и модри патлиџани – објаснува Маја Шкартова од кавадаречкиот разгранок на „Слоу фуд“.
– Имаме што да понудиме, а некако ми се чини дека досега некои од луѓето во Македонија како да се срамеа од сопствената традиција. Мислам дека крајно време е сите да ги отворат очите и да му ги покажат на светот своите историски и културни богатства – додава Шкартова.
Таа кажа дека сите оние што имаат на ум заборавени и неоткриени традиционални производи, растенија и животни, автохтони сорти од регионот, можат слободно да ги номинираат и со тоа да ги спасат од заборав.
Меѓу повеќето од 1.600 номинирани производи на светско ниво се и планинскиот чај од Галичица, колешинските кикиритки, медот од македонската пчела, мариовското биено сирење, кашкавалот од Бистра, неготинската наутлија, струмичкиот сусам, струмичкиот собра-грав, циронките од Стење, мариовската буша, беровскиот оцет од киселици.
„Дневник“.