Седумдесет и четиригодишна жена од Скопје почина од грип (инфлуенца А) на Клиниката за инфективни болести и е трета жртва оваа сезона.
Лекарот Илир Демири од Инфективна изјави дека пациентката била интензивно лекувана една недела на нивната клиника, откако бил потврден грип и масивна бронхопневмонија, а во последните 24 часа била на апарат за механичка вентилација.
Третманот со тамифлу бил неуспешен поради тешката здравствена состојба, дополнително компликувана од други хронични болести – на белите дробови, хипертензија и бубрежна слабост.
Поради компликации од грип, на Одделот за интензивна нега на Инфективна има шест болни, од кои еден пациент е на механичка вентилација.
– Интензитетот на прегледи е ист, но по едно мало затишје во последнава недела има потешки случаи со компликации. Во моментов имаме околу 110 болни на Клиниката и поголем дел се болни од грип, рече Демири.
Тој апелираше луѓето со симптоми на грип да одат кај своите матични лекари кои имаат протоколи за лекување и знаат како треба да постапат во такви состојби. За тие со хронички болести, пак, препорача следната сезона да ја примат заштитната вакцина.
Kurir