Тргнав да купам јадење, а за малку ќе останев без очи од полициските пендреци


– Речиси цела недела откако полицијата брутално ме претепа, с` уште имам силни главоболки, а за малку ќе останев и без вид. И не знам зошто кога не бев ниту вооружен ниту кажав или направив нешто за да ги испровоцирам. Со овие зборови за „Дневник“ се огласи германскиот студент кој минатата недела беше претепан за време на демонстрациите во грчката метропола во знак на одбележување на 41-годишнината од студентскиот бунт во Атинскиот политехнички факултет против фашистичката хунта. До него се обративме преку неговиот фејсбук-профил уште пред 7 дена кога се случи немилиот настан. Ни одговори сега. Се извинува што доцни со одговорот, но не ни открива дали с` уште се крие во куќа на свои блиски, каде што се засолни исплашен од полицијата. B92638367F9EA146AFEB0A68C8E16F0B

Не ни го кажа своето цело име и презиме ниту, пак, дали ќе ги тужи полицајците за она што му го сториле. Единствено н` замоли што и да напишеме да го споделиме и на „Фејсбук“ за да можат сите да видат дека без никаква причина е безмилосно истепан. А всушност Ни Лс (како што се вика на својот фејсбук-профил) излегол на плоштадот во областа Ексархија не за да ги поддржи демонстрациите, туку да купи јадење заедно со неколку другари. Со истите зборови ја опишал случката и пред меѓународната организација за заштита на човековите права.

– Со неколку мои другари, исто така студенти, отидовме да купиме јадење.

Беше мирно, но во една минута одеднаш местото каде што минувавме го преполнија демонстранти и полицајци. Решивме да си одиме, ама не можевме, улиците беа блокирани од полицијата. Ни беше многу страв од нив оти само неколку недели претходно, пред нашите очи гледавме како тепаат човек кого само што го беа уапсиле – раскажува Ни Лс. Се обиделе да најдат други улици од каде што ќе може да излезат од реонот, но повторно безуспешно. Одеднаш слушнале звуци како удари, а ги заслепила и некаква светлина.

– Во истата секунда го изгубив мојот пријател и застанав во аголот надевајќи се дека полицијата нема да ме види. Но токму тоа се случи, тогаш кренав раце за да им покажам дека немам никакво оружје со мене. Ама околу 5-6 полицајци дојдоа до мене и почнаа да ме тепаат со пендреци. Веќе лежев беспомошен, а тие продолжија да ме тепаат додека врескав од болка. Ме оставија да лежам свиткан како ембрион, па заминаа за по неколку секунди да дојдат други нивни колеги и да продолжат да ме тепаат. Немав оружје. Јас не бев закана за никого. Многу сум лут оти тие цело време се трудеа да ме удираат по лице, за малку ќе останев со трајни оштетувања на очите, завршува младиот Германец. Откако ќотекот завршил, му пришол обичен човек, кој повикал брза помош. Бргу потоа Ни Лс бил однесен во најблиската болница „Евангелисмос“. Лекарите само потврдиле дека најмногу повреди му биле нанесени меѓу и околу очите и носот. Веднаш по инцидентот Ни Лс заминал.

Dnevnik.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1