Трет случај со морбили (мали сипаници) е регистриран во Република Македонија.
Д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на Република Македонија денеска изјави дека трите случаи со морбили се регистрирани во Скопје, Куманово и Тетово.
Тој потенцира дека едното лице е на возраст од пет месеци и не подлежи на вакцинација, второто лице машко на 40-годишна возраст и е вакцинирано само со една доза МРП, а последниот случај кој е регистриран на 23 месецов е дете на петгодишна возраст кое има примено само една доза вакцини.
– Ако ја завршивме минатата година со дваесетина случаи на морбили и рековме дека состојбата веројатно ќе се подобри, за жал ова ни кажува дека морбилите се сè уште присутни во државата и лесно може да дојде до инфекција. Мој апел до институциите кои спроведуваат вакцинација е максимално да се придржуваат до календарот на вакцинација, активно да се избаруваат сите случаи на невакцинирани лица и веднаш да им се аплицира вакцина со цел да се намали контактот односно да се спречи ширењето на овој вирус, рече Караџовски.
Лекарот посочи дека во Србија и Хрватска има повеќе илјади заболени лица, дури има и тешко болни.
– Овие лица сите што беа во Република Македонија беа хоспитализирани и засега немавме тешки случаи. Меѓутоа апелот е календарот на вакцинација да се апсолутно подобри, да се добие 95 отсто опфат со вакцинација за оние вакцини кои се предвидени во рутинскиот календар – додаде Караџовски.