По неколку часовен распит пред судија на предистражна постапка, доцна вечерва падна и одлука за притворот на Катица Јанева. Од вечерва шефицата на СЈО, Јанева е во истражниот затвор “Скопје” во Шуто Оризари.
Судија на претходна постапка ѝ определил 30 дневен притвор во истрагата за случајот “Рекет” . Јанева е третоосомничена во овој случај заедно со Бојан Јовановски и Зоки Кичеец. Јанева на оваа одлука има право на жалба преку нејзините адвокати до кривичниот совет.
Притворот денеска го побара Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. А спроведени беа и претреси во нејзиниот дом во Скопје, во Гевгелија, а одземен и нејзиниот службен компјутер од канцелариите во СЈО. Обвинителството го конфискуваше и мебелот кој Јанева го примила како подарок од еден од инволвираните во случајот.
Јанева е обвинета дека ја злоупотребила службената положба и овластување и влијаела за поповолна позиција на осомничениот Орце Камчев во предметот “Империја”.